Вардар на гости кај Вујо во Ниш

Во следниот натпревар во регионалната СЕХА лига, вардарци утре (20.15 ч.) во Ниш му гостува Железничар предводен од Веселин Вујовиќ. Вардар е лидер на табелата и ја носи улогата на фаворит и во пресметката со српскиот вицешамопин кој пак е во долниот дел на табелата со три победи, едно реми и шест порази. Вујовиќ како засилување во составот го ангажира искусниот Ратко Николиќ (41) кој своевремено исто така беше дел од Вардар.

„Црвено-црните“ во средата извојуваа тешка победа во македонското дерби со Металург, а тренерот Роберто Парондо предупреди дека таква игра на Вардар не смее да му се повтори.

„Играме против Железничар, тим што игра многу добро пред домашна публика. Вистина е дека ние не одигравме добро против Металург и ако сме искрени, игравме многу лошо. Тимот не беше фокусиран и игравме без интензитет, и тогаш е тешко да се игра. Сигурен сум дека не игравме на нивото од Лигата на шампионите. Но знам дека СЕХА лигата е силна и зато мора да извлечеме поуки од последниот меч и да се однесуваме сериозно ако сакаме да победиме“ – изјави Роберто Парондо.

До паузата за репрезентативите настапи, на Вардар му остануваат уште три натпревари во СЕХА лигата, утрешниот со Железничар, со Татран Прешов и со Стеау. Тенденцијата на „црвено-црните“ е да се заврши овој дел со победничка серија.

„Се очекуваше дека по мечот во Лигата на шампионите можеби малку ќе паднеме во ритамот. Најважно беше што победивме. Сега очекувам да го подигнеме нивото на игра и да победиме на сите три натпревари до крај“ – истакнува средниот бек на Вардар, Сташ Скубе.

Се вчитува...