Вардар не запира: Калараш останува, доаѓа и второлигашки голман

Раководството на Вардар успеа да состави уште два дела од „мозаикот“ за изгледот на тимот за наредната сезона. Во однос на ланскиот состав во тимот останува и Глеб Калараш, откако рускиот пивот им се приклучи на Чупиќ, Дибиров, Стоилов и на Дисингер договарајќи ги условите за продолжување на соработката со новиот претседател Михајловски.

Калараш ќе биде значаен дел од играта во одбрана на „вардарци“, а во нападот може да биде солидна алтернатива за капитенот Стоилов во текот на натпреварите. Тој минатото лето си замина од Вардар потпишувајќи за Мотор, но потоа успеа да издејствува раскин на договорот со украинскиот првак и да се врати во Скопје за повторно да го облече црвено-црниот дрес.

Воедно, финишираше и потрагата по нов голман откако „вардарци“ ги договорија условите со Французинот Робин Кантегрел. Станува збор за 25-годишен чувар на мрежата кој ланската сезона ја мина во второлигашот Сесон Рен, на кој му помогна да се избори за враќање во елитното француско ракометно друштво. Со Кантегрел дефинитивно се заокружува голманската позиција на која уште се наоѓаат Ристовски и Кизиќ, по заминувањата на Кугис и на Гедбане.

 

Се вчитува...