Вардар нема избор: Победа во Белорусија за приклучок кон врвот

Ракометарите на Вардар попладнево (17.30 часот) му гостуваат на Мешков Брест во обид да ја прекинат серијата слаби резултати во Лигата на шампионите. Откако во претходните две кола освоија само еден бод против Кјелце, „црвено-црните“ паднаа на петтото место на табелата, па денешниот меч е идеална можност за фаќање приклучок кон водечките екипи.

Мешков Брест важи за едно од најголемите разочарувања во ЛШ сезонава, белорускиот првак во досегашните осум сезони има скор од една победа и седум порази. Сепак, во таборот на „вардарци“ се свесни дека денешното гостување нема да биде нималку лесно.

„Пласманот на Мешков на табелата сигурно нема да не залаже, знаеме дека мораме да дадеме се од себе ако сакаме да стигнеме до позитивен резултат“ – изјави Сташ Скубе во пресрет на денешниот дуел.

Проблем за „вардарци“ е отсуството на Дисингер, но затоа одлична вест е камбекот на Криштопанс, кој значително ги зголемува опциите во нападот на тренерот Кокшаров.

Во меѓусебните дуели на Вардар и Мешков во ЛШ, македонскиот и европски првак има три победи на пет натпревари. Во првиот меѓусебен дуел сезонава во ЛШ, Вардар славеше во Скопје со 36-31.

Се вчитува...