Вардар немоќен – Киелце го освои „Јане Сандански“

Вардар претрпе нов пораз во Лигата на Шампионите, прв на домашен терен сезонава откако „црвено-црните“ капитулираа во пресметката со Киелце (29-33). „Вардарци“ одиграа по десетина одлични минути во секое полувреме, премалку за да може да се земе скалпот на еден од најдобрите европски клубови, Бековите и голманите немаат свој ден, Волфс беше извонреден на голот на Киелце, со што германскиот чувар на мрежата заедно со Алекс Душебајев беше најзаслужен за триумфот на гостите од Полска.

„Црвено-црните“ почнаа фуриозно, па по почетните 0-1 на Киелце следеа пет гола во низа на македонскиот шампион. Талески беше стрелец на петтиот, биејќи од својата половина во празната мрежа, по што „алармот“ кај гостите се запали. Во серија одбрани влезе Волф, одбраната делуваше многу поцврсто, па и покрај неколкуте почетнички грешки во нападот Киелце целосно ја презеде контролата над резултатот. Алушовски побара тајмаут при 10-12, го стави Кантегрел на голот на местото на Ристовски, но Полјаците продолжија со добра игра до крајот на полувремето, на одмор заминувајќи со водство од 11-14, по голот за Вардар што во самиот финиш го постигна Стојанче Стоилов.

Алушовски од стартот на второто полувреме се обиде со Чупиќ на десен бек и Георгиевски на крилната позиција, а токму македонското десно крило постигна два гола за намалување на негативата на 16-18. Разликата неколку минути се движеше меѓу два и три гола, пред Јотиќ во 42. минута на малаи на 20-21, а веднаш потоа Валчак да реализира за израмнување. Гостите делуваа во шок, Карачиќ промаши уште еден шут, а Вардар го искористи тоа за со гол од контранапад на Георгиевски да дојде и до водство од 22-21.

Георгиевски промаши зицер во ситуација кога „црвено-црните“ имаа двајца ракометари повеќе на теренот, по што Душебајев го продолжи своето гол-шоу со нов погодок за водство на Киелце од 23-25. Ристовски се врати на голот, но ниту тој не успеа да ги запре расположените шутери на Киелце. Алушовски зеде тајмајт, се обиде и со „седум на шест“, но се беше попусто кога одбраната не ја заврши работата, Киелце одигра ефикасно до крајот и заслужено триумфираше со 29-33.

Јотиќ постигна шест, Чупиќ и Дибиров по пет, а Стоилов реализираше четири погодоци за Вардар при денешниот пораз. Најефикасен во редовите на Киелце беше Алекс Душебајев, постигнувајќи 11 гола од вкупно 12 обиди.

Вардар во следното коло на 25 ноември повторно се среќава со Киелце, овојпат на теренот на противникот во Полска.

Се вчитува...