Вардар никогаш досега не загубил од Монпелје во ЛШ!

Вардар и Монпелје ќе играат меѓусебе за европско финале и за освојување на втората шампионска титула во Лигата на шампионите. Тие се единствените две екипи од четворката што годинава ќе игра на Ф4 турнирот во Келн со шампионски титули во својата колекција, вардарци се искачија на европскиот трон минатат година, а Монпелје стана победник во ЛШ во 2003 година.

И македонскиот и францускиот тим постигнаа успех кој ќе остане запишан во историјата на ЛШ. Вардар е првиот тим во последните три изданија на Ф4 што втора година по ред обезбедува пласман на Ф4 и може да стане првиот тим што успеал да ја одбрани титулата откако е воведен Ф4 форматот во ЛШ во 2010 година.

Монпелје пак е прв и единствен тим што стигнал на Ф4 а во групната фаза играл во „вториот ешалон“, односно од групите Ц и Д. Францускиот тим со богата традиција во групната фаза го освои првото место во групата Д, во која играше заедно со македонскиот вицешампион Металург. Монпелје запиша осум победи и два порази и на двапати славеше против Металург, во Скопје со 21-27, а потоа убедливо на домашен терен со 32-22.

Во елиминаторната фаза за влез во големото друштво, Монпелје го елиминра Адемар Леон (28-24, 20-19). На патот до Келн, тимот предводен од тренерот Патрис Канаје во осминафиналето го направи првото големо изненадување отпишувајќи ја големата Барселона (28-25, 28-30). А, потоа францускиот тим со стил зеде уште еден скап скалп, елиминирајќи го поранешниот европски шампион, Фленсбург. На првиот меч во „Фленс Арена“ Монпелје остана непоразен (28-28), а потоа на домашен терен на Германците им приреди вистински потоп (29-17).

Вардар и Монпелје два пати играле меѓусебе во групната фаза во ЛШ и Вардар е непоразен во сите четири натпревари во кои има три победи и едно реми.

Во првиот дуел во сезоната 2014/2015, во Франција беше нерешено (34-34), а потоа вардарци славеа победа во Скопје (30-26)

Македонскиот и францускиот тим играа меѓусебе во групната фаза и во следната сезона 2015/2016. Вардар беше поуспешен и во двата дуели. На гостински терен „црвено-црните“ славеа со 25-30, а убедливи беа и во скопскиот реванш (34-26). Овој натпревар одигран на 5 март 2016 година е воедно и последен меѓусебен дуел на Вардар и Монпелје. Следниот ги очекува на 26 мај во Келн.

Се вчитува...