Вардар нокаутиран од Еурофарм Пелистер, титулата е на пат за Битола

Еурофарм Пелистер ја презеде контролата во трката за титулата во ракометниот плејоф откако битолчани славеа во денешниот дерби-дуел против Вардар, и тоа среде Скопје со резултат 23-25. Триумфот е уште позначаен ако се знае дека гостите настапија без повредените Периќ и Велковски, но сепак наметнаа темпо што противникот не можеше да го следи. Брилијантен на голот во второто полувреме беше голманот Кизиќ, кој ги откажа „вардарци“ во обидите за камбек и го донесе Пелистер на чекор до титула. Вардар се врати во финишот од „минус четири“, имаше напад за израмнување, но Дејвис се реши за бековска линија Додиќ – Карапалевски – Нијокас, одговорноста ја презеде најмладиот Додиќ и таа шанса отиде во неповрат. „Пелистерци“ сега го прескокнаа лутиот ривал на табелата, па за шампионски трофеј доволно ќе им биде реми на последното овосезонско дерби во Битола.

„Пелистерци“ беа мотивирани од самиот почеток, па Мандалиниќ и Табоада со проектили од девет метри донесоа водства од 0-1 и 2-1. Тото беше во главна улога во почетните минути со два гола во првите три минути за Вардар, а во првите петнаесетина минути можеше да се проследи израмнета игра во која ниту еен од тимовите немаше водство поголемо од еден гол разлика. Диало шромаши зицер за Вардар при 6-6, за Табоада да погоди крај Борко Ристовски за ново минимално водство на битолските „фармацевти“. Во вториот дел од првото полувреме во игра влезе Филип Талески, кој веднаш постигна два гола и донесе предност на Вардар од 8-7. „Вардарци“ заиграа поцврсто во одбраната, па Моралес погоди од контранапад за 9-7, прво водство од два гола за еден од тимовите. Еурофарм Пелистер не само што успеа да се врати, туку на одмор замина и со минимална предност од 11-12, откако битолчани подобро го финишираа полувремето од актуелниот шампион.

Гостинските ракометари беа подобар ривал и на стартот од вториот дел, кога Мандалиниќ погоди во 35.минута за 13-15, прво водство од два гола за Еурофарм Пелистер. Двајцата тренери ги променија голманите, Томовски застана на голот на Вардар, Кизиќ кај битолчани. Двајцата блескаа во наредните четири-пет минути, Томовски со три одлични одбрани спречи Пелистер да зголеми на „плус три“, по што Дибиров конечно погоди на спротивната страна, намалувајќи на 16-17. Сепак, битолчани беа во подобар ритам од домашниот состав, па преку Божиќ Павлетиќ во 46. минута поведоа и со 16-19, пред се благодарение на извонредниот Кизиќ на нивниот гол.

Давид Дејвис побара тајмаут при овој резултат во 47. минута од мечот, Вардар веднаш постигна гол, но потоа Кизиќ му одбрани пенал на Дибиров при водство на битолчани од 17-19. Табоада и Мандалиниќ погодуваа кога беше најважно за „пелистерци“, кои на осум минути до крајот имаа водство од три гола (18-21). Дејвис полуде, побара нов тајмаут при 19-22, но Кизиќ веќе во следниот напад му одбрани зицер на Стоилов, кој триесетина секунди подоцна заработи и исклучување.

Битолчани имаа и „плус четири“ (20-24), но Вардар последната шанса за камеек ја доби по исклучувањето на Табоада при резултат 21-24. Дибиров погоди од крило, а потоа Томовски одбрани, по што Нијокас погоди во празна мрежа за 23-24, на две минути до крајот. Во еуфоријата „изгоре“ Моралес, кој во одбрана стартуваше врз главата на Мандалиниќ, за што доби исклучување на 90 секунди до крајот. Мараш имаше зицер за да стави печат на победата, но Томовски го запре неговиот удар и Вардар имаше напад за израмнување во последната минута. Одговорноста ја презеде младиот Додиќ, но Кизиќ го запре неговиот удар и му ја донесе победата на Еурофарм Пелистер.

Исфрустрирани од поразот, „вардарци“ во финишот влегоа во конфликт со официјалните лица на мечот, за што капитенот Стојанче Стоилов заработи и црвен картон.

Табоада беше најефикасен во победничкиот тим со шест гола, пет постигна Мандалиниќ, додека кај Вардар најдобри стрелци на денешното дерби беа Дибиров со шест и Моралес со пет погодоци.

Се вчитува...