Вардар оди на „поправен“…Како може да добие преодна оценка?!

Македонскиот првак Вардар вечерва (21.05 часот) е пред нов голем предизвик во Лигата на Европа, гостувајќи му на шпанскиот тим Реал Сосиедад, кој во Скопје до врв ја наполни мрежата на Филип Гачевски. Јасно е, амбициите се да се подобри впечатокот од првиот меч, со оглед дека по две седмици „вардарци“ добиваат можност за „поправен испит“ против истиот ривал. Но, што ќе биде всушност мерилото за тимот на Чедомир Јаневски да добие ‘преодна оценка’ на „Аноета“?! Добрата игра, или помалиот број на примени погодоци?!

„Сакаме да го подобриме впечатокот, имаме уште три натпревари во групата од Лигата на Европа, и сигурно дека очекувам тимот да одигра многу подобро од првиот натпревар во Скопје. Знаеме за каков тим се работи, но ние треба да гледаме како Вардар ќе го одигра овој натпревар, и со една добра организација, добра желба да направиме добар резултат. Во овие неколку денови после првенството добро се подготвуваме. Знаеме дека сме во резултатска криза, но овие натпревари ни даваат шанса и можност да се докажуваме во Европа. Ќе направиме се што е во нашите можности да се надигруваме со еден силен тим, и сакаме лошиот впечаток и лошиот резултат кој го имавме на домашен терен, да го поправиме и да дојдеме до позитивен резултат“, вели тренерот Чедомир Јаневски во пресрет на вечерашниот дуел со Реал Сосиедад.

Што е, реално, позитивен резултат за „вардарци“ на „Аноета“?! Реми е џек – пот, победа е желба што по „шестката“ во Скопје во овој момент делува како научна фантастика…Вардар е дебитант во групната фаза од Лигата на Европа, но на првите три меча имаше неверојатно лоши настапи. За да се подобри впечатокот, не е доволно само да се примат помалку голови од досегашните голеади…

Новиот „поправен“ за Јаневски и фудбалерите е закажан за 21.05 часот. Ќе одиграат ли за да им припишеме ‘преодна оценка’?!

Се вчитува...