Вардар остана без финале и без титула во ЛШ

Продолжува проклетството на шампионите на Ф4 турнирот во Келн. Вардар загуби од Монпелје со 27-28 во полуфиналето на Ф4 турнирот во Келн и ја загуби шансата да стане првиот тим што ја одбранил титулата во Ф4 ерата во Лигата на шампионите. Вардарци одиграа далеку под своето ниво, во текот на целиот натпревар беа во инфериорна позиција, а најмногу од се недистасуваше поддршката од голманите. Една одбрана на Аршад Штербик и пет од Страхиња Милиќ дефинитивно се премалку за европско финале.

Малку кој очекуваше, но утре во големото финале за европскиот трон ќе играат Нант и Монпелје, а фаворитите Вардар и ПСЖ ќе се борат за утешното 3.место.

Вардар резервирнао и не многу ефикасно влезе во дуелот со Монпелје. Во првите пет минути вардарци тешко се справуваа со мобилната одбрана на францускиот тим  која брзо се трансформираше од 5-1 во 6-0. Монпелје поведе со погодокот на Валентин Порт, а првиот погодок за Вардар во 6.минута го постигна Иван Чупиќ од седмерец.

Неколку грешки во нападот на Вардар и одбраната на Винсент Жерар му донесе водство на Монпелје од 1-3. Литванскиот лев бек Јонас Трухановичиус на едната и Валентин Порт на другата страна беа најголем проблем за одбраната на Вардар во овој дел од натпреварот. Вардар дојде до второ изендачување на 4-4 со првиот погодок на Лука Циндриќ. Точно на средината од првиот дел дојде и првото водство на „црвено-црните“. Жоан Канељас милиметарски прецизно асистираше, а Рожеиро Мораеш погоди за 7-6.

Исклучувањето на Илија Абутовиќ му отвори простор на Монпелје да се врати во егал. Во необична ситуација Жерар се обиде да го врати својот тим во водство со шут од далечина на празниот гол на Вардар, Чупиќ  го одбрани ударот но нагази во забранетиот простор, а Гигу беше прецизен од седмерец за ново водство на Монпелје (7-8).

На осум минути до крај на првиот дел, Монпелје предноста на Монплеје стигна до +3 (9-11). Вардар настојуваше да го сопре налетот на противникот со стандардната 51-одбрана со Канељас напред. Но Патрос Канаје во овој прв дел успеваше успешно да одговори на тактиката на Раул Гонзалес, а негов адут во овие минути беше младиот Мелвин Ричардсон кој го замени Порт на десен бек, а тој ја презеде плејмејкерската позиција.

Вардар не ја искористи најдобро ситуацијата со двајца играчи повеќе на терен не успеа да дојде до изедначување. Марсениќ промаши зицер, а на другата страна Фабрегас брзо казни и наместо изедначување, Монпелје зголеми на 11-13. И додека вардарци се мачеа и грешеа во нападот, Монпелје ефикасно ја казнуваше секоја грешка. Вардар не го искористи последниот напад, а Порт искусно во последната секунда од првиот дел поентираше за 11-14. Играта на Вардар во овој прв дел беше далеку под нивното ниво, со особено поразителна само една одбрана на Арпад Штербик.

На почетокот од второто полувреме, играта на Вардар почна да наликува на онаа препознатливата за европскиот шампион. Со неколку успешни акции и брзи голови за три минути вардарци намалија на 14-15. Вуко Борозан упати два неодбраниви проектили, а потоа следуваше и мајсторија на Лука Циндриќ за 16-17. Но Гигу си дозволи да го лобува Арпад Штербик и атрактивно да поентира од седум метри, одржувајќи го Монплеје во позитива. Голманите и понатаму останаа најслабата алка на Вардар и во првите десет минути од второто полувреме. Ни Штербик, а потоа ни Милиќ немаа ден ни решение за расположените стрелци на Монпелје кои погодуваа од сите  позиции во разновидоста на нападот на францускиот тим кој во 40 минута повторно беше на +3 (17-20). И да биде маката уште поголема, Никола Потнер го одбрани и седмерецот на Чупиќ и обидот на Вардар да намали на гол негатива.

За среќа, во во завршните дваесетина минути конечно и Страхиња Милиќ собра неколку одбрани, а почнаа да грешат и Французите. Хорхе Македа со двата гола во серија ја врати надежта кај вардарци и негативата на -1 (20-21).  Првата шанса за изедначување и шутот на Циднриќ, заврши во ногата на голманот Винсент Жерар, но Вардар имаше среќа, па и ударот на Гигу на спротивната страна, заврши во пречката на голот. Но, Мелвин Ричардсон немаше милост и со својот четврти погодок го зголеми водството на Монпелје на 20-22 на девет минути пред крај, прекинувајќи го периодот од пет минути без гол и на едната и на другата страна. И потоа уште еден на речиси идентичен начин за 21-23. Како што наближуваше крајот, така растеше и тензијата на теренот во „Ланксес Арена“ , со неколку брзи  голови на двете страни, жестоки дуели и исклучување на Лука Циндриќ на шест минути до крај, а потоа и досуден седмерец за Монпелје кој го реализираше Гигу за 23-25.

Раул Гозалес побара тајм-аут, Вардар намали на 24-25 со играч помалку. Но, Монпелје брзо врати на другата страна. Бороза ги презеде работите во свои разце и со вториот гол по ред одново намали на гол разлика. Исклучувањето на Валентин Порт му отвори шанса на Вардар за пресврт во последните три минути од мечот. И тука товарот падна на пикерите. Прво прецизен беше Рожерио Мораеш, а потоа  Стојанче Стоилов изнедначи на 27-27 кога веќе почна да тече последната минута. Вардар не успеа да се одбрани, а Диего Симонет на дваесет секудни пред крај погоди за 27-28.

Раул Гонзалес го искористи последниот тајм-аут, но Борозан не го искористи последниот напад за продолжени и за европско финале, шутот на Црногорецот заврши над голот, а Монплеје почна да го слави триумфот кој ги носи во фрнацуско финале за титула.

Вуко Борозан и Лука Циндриќ со по шест гола беа најефикасни кај Вардар. Во победата на Монпелје лидер во нападот беше Валентин Порт со осум гола, а во решавачките моменти блесна Мелвин Ричардсон кој на крај заврши со шест погодоци.

Вардар не успеа да ја одбрани титулата и  утре со почеток во 15.15 часот ќе игра за 3.место протув ПСЖ.

Големото француско финале меѓу  Монпелје и Нант  кое ќе го даде новиот европски шампион, на програмата е утре во 18 часот.

Се вчитува...