Вардар остана перфектен, Алкалоид го плати данокот на неискуство

Скопската суперлигашка пресметка меѓу Вардар и Алкалоид заврши со победа на актуелниот првак од 28-25, меч што донесе бројни возбудувања и пресврти на теренот. „Црвено-црните“ имаа доста осцилации во играта, но блеснаа во последните десетина минути и успеаја да стигнат до победата. Алкалоид пак покажа извонреден потенцијал, јасна е желбата на Кире Лазаров овој млад тим да игра во што повисоко темпо, што помодерен ракомет, но новиот суперлигаш повторно промаши низа на зицери што на крајот го чинеа позитивен резултат во „Јане Сандански“.

Вардар подобро го почна натпреварот и поведе со 3-1, нешто подоцна и со 6-3 по неколкуте одлични интервенции на Мартин Томовски. Алкалоид експресно успеа да се врати и израмни на 7-7, период на грешки во играта на „вардарци“ што младиот тим на Алкалоид безмилосно ги казнуваше. Судиите Начевски и Божиновски направија сериозен превид откако го исклучија Стоилов во ситуација кога тој воопшто немаше контакт со Серафимов (имаше старт од Талески, но две минути доби Стоилов), но Вардар повторно успеа резултатски да се одлепи и да поведе со два гола разлика. Моралес влезе во серија грешки, а Алкалоид го искористи тоа, па избраниците на Кире Лазаров дури и заминаа на одмор со еден гол предност, по одбраната на Трајковски по обидот на Стоилов и голот од контранапад што го постигна Кофилоски.

Со возбудлива игра се продолжи и на стартот од вториот дел, во кој блескаше домашниот голман Томовски, со еден одбранет пенал на Серафимов и запрен зицер на Петковски. Алкалоид се држеше до 17-16, кога Томовски запре уште еден контранапад на гостите, по што Вардар влезе во ритам и набрзина поведе со 21-17, принудувајќи го Лазаров на тајмаут. Селекторот беше бесен, но неговите зборови допреа до ракометарите на Алкалоид, па гостите заиграа далеку подобро во одбраната, а со лесни реализации од контрапанад стигнаа и до водство од 21-22 кога Стојковиќ мајсторски го матираше Томовски. Младиот пивот постигна уште еден гол две минути подоцна, за прво водство на Алкалоид од два гола, за 22-24 на осум минути до крајот, а потоа биеше прецизно и една минута подоцно, мајсторски реализирајќи за 23-25.

Вардар заигра шампионски кога беше најважно, „црвено-црните“ предводени од Талески и Манасков постигнаа три гола во низа и поведоа со 26-25, резултат при кој Томовски му одбрани пенал на Петковски. Талески со нов проектил зголеми на 27-25, а капитенот Стоилов стави печат на победата на Вардар, изразена со конечни 28-25.

Трајковски имаше 13 одбрани на голот на Алкалоид, Томовски 12 пати ја сочува мрежата на Вардар, додека во нападот Манасков со осум и Талески со шест беа најефикасни кај „црвено-црните“, додека Стојковиќ ги предводеше стрелците на Алкалоид со шест погодоци.

Се вчитува...