Вардар останува перфектен, Металург издржа само едно полувреме

Вардар прокнижи нови бодови во ракометниот плејоф на Македонија откако актуелниот првак славеше на гостувањето против Металург со резултат 27-31. „Металурзите“ иако во криза, собраа сили за едно извонредно полувреме во кое целосно им парираа на „вардарци“. Сепак, тимот од Автокоманда не можеше да го издржи темпото до крај, па Вардар во вторите 30 минути го скрши отпорот на големиот градски ривал.

Двата тима се менуваа во водство во голем дел од првото полувреме, Вардар прв поведе со повеќе од еден гол разлика (8-10), за потоа Металург да одигра фуриозни пет минути. Одбраната на чело со Дупјачанец функционираше одлично, нападите експресно завршуваа со головите во мрежата на Кизиќ, па домашните ракометари поведоа со 14-11. „Вардарци“ успеаја да се вратат, на одмор заминувајќи со 15-15 со пеналот на Чупиќ по изнуденото исклучување на Хорват.

Вториот дел почна одлично за „вардарци“ кои набрзина поведоа со 15-17, но Металург повторно се врати и израмни на 19-19. Следеше серија од четири гола на актуелниот првак, кој уште еднаш резултатски се одлепи, но домаќините повторно дојдоа на само еден гол (23-24), губејќи ја топката со техничка грешка при нападот за израмнување. Следеа нови три гола за водство на Вардар од 23-27, предност што шампионот знаеше да ја задржи до самиот крај и конечните 27-31.

Златко Хорват со седум гола беше најефикасен кај Металург, по пет постигнаа Серафимов и Калуѓеровиќ. Најефикасни кај Вардар во седмата овосезонска победа беа Дибиров со седум и Чупиќ со шест погодоци.

Се вчитува...