Вардар пак е на фајналфор – Загреб елиминиран од СЕХА

Вардар ќе остане единствен тим со десет фајналфор учества во десетте сезони од СЕХА-лигата откако македонскиот првак излезе како победник од двомечот со Загреб. Денешното гостување во Хрватска „црвено-црните“ го завршија со пораз од 25-22, но триумфот од четири гола во Скопје се покажа пресуден за ракометарите на Веселин Вујовиќ да се најдат на Ф4 завршницата во Задар, на почетокот на месец септември. „Вардарци“ непотребно си ја искомпликуваа ситуацијата откако прокоцкаа „плус два“ и во самиот финиш се најдоа во негатива од четири гола, но благодарение на прецизниот удар на Тото не им дадоа шанса на Хрватите да се радуваат на целосен пресврт во овој двомеч.

Натпреварот почна со цврста одбрана на двете страни, Вардар поведе со 1-3, но Загреб набрзина стигна до пресврт, промашувајќи и зицер при резултат 4-3. Тоа беше знак за нова мини-серија на „вардарци“, кои поведоа со 5-6, но потоа дојде до огромна криза во играта во напад на избраниците на Веселин Вујовиќ, кои цели девет минути беа без постигнат погодок. Загреб го искористи тоа и поведе со 8-6, а потоа пред крајот на полувремето домаќините имаа и 10-7. Вардар пред самиот крај на првиот дел успеа да израмни преку Тото, па на одмор се замин со водство на хрватскиот првак од 12-10.

Вториот дел стартуваше со гранитна одбрана на „вардарци“, кои не примија гол цели осум минути, поведувајќи со 12-14. Обрван побара тајмаут за домаќините, Загреб се врати и поведе со 16-15, но гол во вистински момент, во ситуација со играч помалку постигна Филип Талески и го врати Вардар во „егал“. Во следниот напад Талески повторно биеше прецизно, Томовски влезе во нова серија на одбрани, па македонскиот шампион поведе и со два гола предност (17-19).

PPD Zagreb vs Vardar 1961, Zagreb, Croatia, 31.08.2021, Mandatory Credit © Sasa Pahic Szabo / Sasa Pahic Szabo / kolektiff

Загреб пак стигна до пресврт, на пет минути до крајот поведе со 22-21. Вујовиќ реши да се коцка, повторно Вардар играше „седум на шест“, а по една грешка на Талески домаќините зголемија и на 23-21. Големиот број грешки во нападот на македонскиот шампион им овозможи на домаќините да стигнат и до 25-21 на триесетина секунди до крајот. Сепак, Тото беше херојот на Вардар постигнувајќи го последниот гол за конечни 25-22 и пласман на Ф4.

Дибиров со пет гола беше најефикасен во таборот на Вардар, четири постигна Тото, а одличен беше и голманот Томовски, со 12 успешни интервенции.

Покрај Вардар, учесници на фајналфор турнирот што ќе се одржи во Задар се и екипите на Веспрем, Мотор и Мешков Брест. Ривал на „Вардарци“ во полуфиналето закажано за 3 септември ќе биде белорускиот првак Мешков Брест, кој во четвртфиналето од СЕХА-лигата го елиминираше македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...