Вардар по четири месеци победи во Лигата на шампионите

Вардар стигна до првата победа во Лигата на шампионите по пауза од четири месеци, откако вечерва славеше на вториот меч во четири дена против Норвешкиот Елверум со 32-35. Повторно слабите одбрани ги красеа двете екипи, но овој пат за разлика од неделата „вардарци“ беа посконцетрирани во клучните моменти.

Во првите десет минути во натпреварот се играше во „егал“, по што Вардар прв дојде до поголема предност од три гола (6-9). Следуваше серија на госитите од 4-1, по која го вратија водството и поведоа со 11-10. Следуваше повторно слаба игра на „црвено-црните“, а во 24. минута за првпат имаа и негатива од три гола 16-13. Следеа нови грешки на играчите на Вардар, а гостите со играч помалку стигнаа и до плус четири (18-14). До крајот на првите 30 минути македонскиот шампион успеа да намали еден гол од разликата и на пауза да замине со негатива од 20-17.

Второто полувреме почна како и во првиот дел, без одбрани, а головите се редеа како на трака. Продолжи одличната игра и во следниот период, а со голот на Гоце Георгиевски Вардар го презеде водството во 40. минута (24-25). И повторно истите „детски болести“ во последните 15 минути од натпреварите. Следеше нов пад, а на десет минути до крајот Норвежаните повторно стигнаа до плус два (29-27). Французинот, Кантрегел беше човекот кој го држеше во игра нашиот тим, остварувајќи пет одбрани по неговото влегување на местото на Кизиќ, по кои црвено-црните дојдоа до ново израмнување 29-29.

Натпреварот влезе во неизвесна завршница, а во 58. минута Гоце Георгиевски донесе водство од 32-33. Следеш грешка на Норвежаните, а Вардар преку Чупиќ од пенал дојде до плус два 32-34. Норвежаните кои брзаа направија нова грешка, а „црвено-црните“ конечно по пауза од четири месеци се радуваа на победа во елитното натпреварување.

Тимур Дибиров со девет гола беше прво име во победничкиот табор, додека Гоце Георгиевски додаде шест. Кај поразените Мате и Пујол запишаа по пет гола.

Се вчитува...