Вардар по „шок-терапија“ во Веспрем

Ракометaрите на Вардар денеска во 17.30 часот ќе излезат на мегдан против Веспрем, во репризата на последното финале од Лигата на шампионите во кое „црвено-црните“ стигнаа до втората европска круна. За „вардарци“ ова ќе биде обид за „шок-терапија“ по убедливиот пораз на домашен терен од Кил, кој придонесе експресно да биде сменет и првиот тренер Давид Писонеро.

Шпанецот ќе ја има улогата на помошник на новиот тренер Едуард Кокшаров, кој на дебито на клупата на Вардар ќе се сретне со Давид Дејвис, со кого претходно соработуваше во стручниот штаб на ЖРК Вардар. Русинот е свесен за тежината на предизвикот, особено ако се знае дека немаше премногу време за да направи корекции во играта во однос на дуелот со Кил на кој „црвено-црните“ го одиграа најкатастрофалното полувреме во поновата клупска историја.

„Не размислуваме за противникот, туку за сопствената игра. Ќе се обидеме да промениме, да подобриме некои работи. Јасно е дека не може да се направи револуција за неколку дена, моја задача е да не го ограничувам тимот во она што може да го направи. И можеби да поправам одредени нијанси во играта“ – истакна Едуард Кокшаров.

На спротивната страна, ракометарите на унгарскиот гигант се решени да се реваншираат за поразот во големото финале во Келн.

„Мислам дека ќе биде навистина интересен натпревар од повеќе аспекти. Загубивме од нив во финалето минатата сезона. Сигурен сум дека играчите кои играа во тоа финале не го заборавиле тоа, желни за реванш. Оваа сезона имаме неколку добри натпревари, мислам дека сме во добра форма, додека Вардар загуби на последниот меч. Сигурен сум дека онака ‘ранети’ сега ќе допатуваат тука желни за бодови. Но, мора да им покажеме дека ова е наш дом во кој не смееме да правиме повеќе грешки оваа сезона. Со добра игра како на последниот меч верувам во победа“ – вели Словенецот во таборот на Веспрем, Драган Гајиќ.

Се вчитува...