Вардар под финансиски стеги: „Црвено-црните“ должат 320.000 евра и на УЈП за неплатени даноци!

Најтрофејниот македонски клуб ги живее едни од најтешките денови во својата историја по се поочигледниот притисок кој го носи врз себе поради огромните финансиски долгови направени за време на владеењето на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Покрај соочувањето со евентуалната двегодишна суспензија од УЕФА доколку до 31. јануари задолжително не ги подмири сите долгови кон фудбалерите, стручниот штаб и своите вработени, како и кон доверители, ФК Вардар сега е издвоен и на „листата на срамот“ меѓу должниците на Управата за јавни приходи (УЈП).

Како што официјално информираа од УЈП, ФК Вардар е еден од двата клуба неплаќачи на данок, покрај ФК Металург. ФК Вардар не платил данок на добивка и персонален данок во висина од 321.433 евра, додека ФК Металург по истиот основ должи на УЈП вкупно 21.219 евра.

На најновата т.н. „листа на срамот“ на УЈП, се најдоа 4.530 правни и физички лица кои на државата ѝ должат за данок на добивка, за ДДВ, неплатен персоналец и друго, меѓу кои се единствено овие два фудбалски колективи. Интересно, како што пренесува Плусинфо, „меѓу граѓаните кои не платиле даноци се најде и извесен Минчо Јордан Јорданов роден 1 јули 1944 година и живее во Скопје кој не платил персонален данок по друг основ во износ од 70.035 евра“.

Од ФК Вардар веќе шест месеци нема никаква информација околу состојбите во клубот. Затвореноста на сопственикот и раководството на клубот кон македонската јавност која трае од 2014 година кога го презеде клубот, сега е само дополнително нагласена по очигледното тонење на клубот и покрај постојаните најави за стабилизација. Од пред неколку месеци беше најавено дека клубот ќе биде вратен на Град Скопје, но челниците на главниот град на Македонија побараа од Сергеј Самсоненко да го врати онака како што го доби – чист и без ниту еден долг! Засега сето тоа изгледа крајно неверојатно!!!

Се вчитува...