Вардар потврди: Бобан Бабунски останува на кормилото наредната сезона

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар официјално потврди дека Бобан Бабунски ќе остане тренер на тимот и во наредната сезона. Тој седна на клупата по раскинувањето соработката со Чедомир Јаневски и во финишот на сезоната бележеше очајни резултати со „црвено-црните“. Во последните десет кола, Вардар беше најслабиот прволигашки тим во лигата, но и покрај тоа раководството верува дека Бабунски во следната сезона може да го препороди составот кој ги загуби сите трофеи.

Вардар и Бабунски се договорија на соработка во траење од една година, односно до завршувањето на идната сезона 2018/2019.

Во минатото Бабунски како играч беше дел од Вардар, а до прифаќањето на новата улога, беше дел од Фудбалската академија на клубот. Од младинската школа на „црвено-црните“ во стручниот штаб на првиот тим се приклучуваат тренерите Владимир Колев, Сашо Тодоровски и Раденко Бојовиќ, кои ќе му бидат асистенти на Бабунски.

Досегашниот асистент тренер Александар Васоски и тренерот на голманите Саша Илиќ и натаму ќе бидат дел од стручниот штаб на сениорскиот тим на Вардар. Со оглед дека многу фудбалери си заминуваат од клубот со истечени договори, на крајот ќе излезе дека вардарци ќе имаат повеќе асистенти во стручниот штаб, отколку фудбалери во ростерот. Барем засега, додека не се активираат на трансфер – пазарот за да доведат засилувања.

 

Се вчитува...