Вардар пред историски предизвик, 60 минути го делат од Ф4 во ЛШ

Денеска е ‘денот Д’ за Вардар во Лигата на шампионите. Македонскиот првак пред својата публика во СЦ „Јане Сандански“ (19 ч.) го пречекува германскиот Фленсбург во реваншот од четвртфиналето во ЛШ. Победникот од овој дуел обезбедува пласман на Фајналфор турнирот во Келн.

Вардарци го победија Фленсбург на првиот меч на гостински терен со 24-26 што им дава голема предност и огромна шанса во реваншот пред својата публика да го обезбедат првиот пласман на Ф4 во ЛШ. Но, Вардар се оправдано претпазливи бидејќи веќе имаат едно лошо искуство со Фленсбург од пред три години, кога германскиот тим во Скопје избори пласман на Ф4 и тоа со повеќе голови постигнати на гостински терен. Тоа беше прво четвртфинале за Вардар од четирите во серија потоа, и прв пласман на Фленсбург во Келн каде потоа ја освои и шампионската титула во ЛШ.

„Ништо уште не е решено. Нема да играме за да го сочуваме резултатот од првиот меч, туку ќе играме за победа. Треба да го заборавиме првиот меч и победата и да почнеме од почеток“ – внимателен е тренерот на Вардар Раул Гонзалес пред денешниот реванш.

Германците не се предаваат лесно, тоа го најави и Љубомир Врањеш за кого денешниот меч може да биде и последен со Фленсбург во Лигата на шампионите доколку Вардар го елиминира германскиот тим. Врањеш од следната сезона го презема Веспрем, но посакува Фленсбург да го остави на врвот.

„Два гола не значат ништо во модерниот ракомет. За нас е сеедно дали играме на домашен или на гостински терен. Треба да се фокусираме на играта и да се обидеме да го сопреме извонредниот плејмејкер на Вардар, Лука Циндриќ. Ако успееме во тоа, имаме шанса во овој дуел“ – вели тренерот на Фленсбург.

Интересен е податокот дека во историјата на ЛШ, само еден тим досега успеал да се пласира  на Ф4 во Клен откако бил поразен на првиот меч на домашен терен. И тоа бил германски тим и имал -2 од првиот меч дома!

Овој подвиг му успеа на Рајн Некар Левен во сезоната 2010/2011 кога во првиот меч на домашен терен беше поразен од Монпелје со 27-29, а потоа во реваншот во Франција ја анулира негативата, победи со 35-26 и се пласира на Ф4.

Вардар три пати досега во три сезони по ред играше до четвртфиналето на ЛШ, но во ниеден од трите обиди не успеа да стигне до Ф4. Во четвртиот обид „црвено-црните“ се најблиску до оставрување на целта. Зад себе ја имаат најуспешната сезона во ЛШ, во која беа први во групната фаза што им донесе и директен пласман во четвртфиналето. Имаат гостинска победа против Фленсбург и огромна психолошка предност пред реваншот на кој се очекува да го заверат своето прво учество на завршниот турнир во ЛШ.

Доколку вардарци се пласираат на Ф4 во Келн, ќе им се приклучат на своите колешки од женскиот тим на Вардар кои четврта сезона по ред се меѓу четирите најдобри екипи во Европа што ќе настапат на Ф4 во Будимпешта и ќе бидат единствен клуб во историјата на ЛШ со свој тим на Ф4 и во машка и во женска конкуренција во иста сезона.

Историјата се решава вечерва во „Јане Сандански“, кој ќе биде поотпорен н притисокот тој ќе биде првиот полуфиналист на годинашниот Ф4 во Келн.

Се вчитува...