Вардар пред нова европска службена победа

Одбојкарскиот клуб Вардар се наоѓа пред нов службен триумф во ЦЕВ-Купот, откако договорениот двомеч со Калцит Камник што требаше да се игра на 3 и на 4 ноември е откажан поради позитивни случаи на Covid-19 во редовите на словенечкиот клуб.

Двата клуба претходно постигнаа договор средбите да бидат одиграни на теренот на Камник, но словенечкиот претставник денеска испратил допис според кој не може да го организира двомечот поради позитивни случаи во играчкиот кадар и во стручниот штаб. Камник во дописот остава можност дуелите да бидат презакажани за нов датум, а натпреварувачката комисија при ЦЕВ ќе мора во најскоро време да донесе конечна одлука, дали да одреди нови датуми или Вардар без борба да се пласира во следната рунда од европското натпреварување.

За потсетување, без борба првата пречка во европските купови ја мина и женскиот клуб на Вардар, по повлекувањето на финскиот претставник Хаменлина, исто така поради коронавирус.

Се вчитува...