Вардар пред потпис со двајца македонски ракометари

Македонскиот првак Вардар интензивно преговара со бројни ракометари, пред се од домашната сцена, а на повидок се и првите два договори што „црвено-црните“ треба да ги потпишат во следните денови, со Филип Чурлевски и Ненад Костески.

Чурлевски пред две години беше дел од македонската репрезентација, под водство на Раул Гонзалес настапи на СП во Германија, но оттогаш неговата кариера не се движи според очекувањата. Средниот бек доби минимална минутажа во тимот на Работник, а по фузијата со Пелистер тој реши летово да ги напушти битолските „фармацевти“. Во Вардар сепак веруваат во потенцијалот на овој 28-годишен ракометар, со кого ќе биде зголемена конкуренцијата на бековската позиција. За Чурлевски ова е враќање во Скопје, откако тој пред шест години потпиша за тогаш новоформираниот млад тим на Вардар, но никогаш не се наметна за место во првата екипа на „црвено-црните“.

Заедно со Чурлевски во Скопје се очекува да пристигне и Ненад Костески, талентираното десно крило кое по една година во Загреб сериозно размислува за враќање назад во мак-ракометот. За услугите на Костески се интересираат и челниците на Пелистер, но „црвено-црните“ веруваат дека го победиле ривалот во оваа трка, па Костески во најскоро време ќе потпише договор со актуелниот европски шампион.

Се вчитува...