Вардар преговара со ас на Барселона

Се поголем е бројот на ракометари за кои се најавува дека летово ќе го напуштат Вардар, па логично е што „црвено-црните“ се активни во обидите да донесат нови ракометари во Скопје за наредната натпреварувачка сезона. Последниот што се поврзува со трансфер во Вардар е пивотот на Барселона, Камил Сипжак, кој сезонава многу ретко добива шанса од тренерот Чави Пасквал, па јасно е дека во блиска иднина ќе го напушти каталонскиот гигант.

Во изјава за полските медиуми „џинот“ од оваа земја обелоденил дека преговарал со клуб од Македонија, меѓу останатите кои покажале интерес за неговите услуги.

„Имам многу понуди, разговарав со клубови од Франија, Германија и од Македонија. Гладен сум за игра, за минутажа, ќе заминам онаму каде што ќе можам да настапувам и да се развивам“ – изјави Сипжак.

Останува да се види дали „вардарци“ ќе успеат да излезат како победници од оваа трка, со што Сипжак во Скопје би го наследил Мораеш, за кого се заинтересирани Веспрем и ПСЖ.

Вардар претходно беше во преговори за ангажман на Хрватот Шего, но искусниот голман на Пик Сегед во меѓувреме начелно се договори со европскиот првак Монпелје.

Се вчитува...