Вардар преспа едно полувреме со Мешков – ривал во осминафиналето ќе му биде Веспрем

Вардар влегува во криза токму во најважниот дел од сезоната, откако по дебаклот во СЕХА од Мотор избраниците на Алушовски вечерва потфрлија и на својот последен меч од групната фаза во Лигата на Шампионите, губејќи со 32-36. Предусно се покажа првото полувреме што „вардарци“ го одиграа катастрофално, се најдоа во негатива од „минус осум“ што потоа беше невозможно да биде надополнета.

Со денешниот пораз, Вардар дефинитивно ја завршува групната фаза на седмото место, па за ривал во осминафиналето ќе го има унгарскиот првак Веспрем.

Неизвесно беше само во првите седум минути, кога „црвено-црните“ со вториот гол на Гаџа израмнија на 5-5. Гостите од Белорусија предводени од Ваилупау набрзина поведоа со 5-9 и презедоа целосна контрола над натпреварот. „Вардарци“ само накратко се вратија, тактиката „седум на шест“ им овозможи неколку брзи реализации, но ритамот беше нарушен со промашениот зицер на Калараш при резултат 11-13. Ова беше знак за почеток на нова фуриозна серија на Брест Мешков, белоруските ракометари ја полнеа мрежата на македонскиот првак и на одмор заминаа со преубедливи 12-20.

Вториот дел почна со погодок на Филип Талески, a oчигледен беше падот во интензитет на играта на одбрана на гостинскиот тим. Пешиќ веќе не бранеше така супериорно како во првото полувреме, „црвено-црните“ полесно го наоѓаа паатот до неговата мрежа, па со голот на Калараш од контранапад намалија на 23-28 во 46. минута од натпреварот. „Црвено-црните“ не реализираа и два пенали во овој период од мечот (по еден Дибиров и Чупиќ), но затоа беспрекорно функционираше контранападот, па преку Дибиров македонскиот состав успеа да намали на 26-30 на девет минути до крајот. Сепак, Скубе ја презеде одговорноста во нападот на Брест Мешков, Белорусите го запреа завршниот налет на „вардарци“ и на крајот заслужено триумфираа со 32-36.

Ваилупау со 12 погодоци без ниту едно промашување беше главен играч на Брест Мешков, додека Скубе постигна седум погодоци против својот поранешен клуб. Тимур Дибиров беше прв стрелец на Вардар со девет гола, седум постигна Гаџа, четири пати прецизен беше Калараш, а по три погодоци реализираа Талески и Стоилов.

Следен предизвик за „црвено-црните“ е премиерниот дуел од плејофот во македонскиот шампионат, меч што в сабота ќе го играат на домашен терен против вториот тим на Еурофарм Пелистер.

Се вчитува...