Вардар против Кил: Како да се спречи реприза на скопското фијаско?

Паузата во Лигата на шампионите заврши, а во првиот натпревар во 2020 година во елитното европско натпреварување Кил ќе го пречека европскиот првак Вардар (19 часот). „Црвено-црните“ добро ја стартуваа сезоната во ЛШ, но серијата повреди се одрази врз резултатите, па по трите порази во низа актуелниот европски првак падна на шестото место во групата.

Во најлош момент доаѓа гостувањето во Германија, против тимот кој го демолираше Вардар среде Скопје во првото полувреме (4-16), за на крајот „зебрите“ да го изгаснат вулканот во „Јане Сандански“ со убедливи 20-31. Без оглед на се, „вардарци“ се надеваат дека во новата година ќе свртат нов лист и ќе се обидат да се реваншираат за убедливиот пораз.

„Би рекол дека навистина имавме проблеми во ноември и декември, затоа и имавме малку полоши резултати. Јас и натаму тврдам дека Вардар е квалитетен и силен и дека може да има добри резултати. Можеби немаме многу играчи за ротација и толку квалитеtни, но и лани беше слично па стигнавме до финалето. Секогаш сум оптимист“, вели Сташ Скубе.

Стевче Алушовски вечерва ќе дебитира на клупата на „вардарци“ во ЛШ, а новиот стратег нема да може да смета на Дисингер и на Шишкарев. На спротивната страна, кај Кил ќе недостига бекот Нилсон, но „зебрите“ имаат премногу муниција во своите редови за отсуството на еден играч да остави посериозна трага.

„Знаеме дека победивме лесно во Скопје, но ова ќе биде поинаков натпревар. Играме против европскиот првак и свесни сме дека Вардар се уште е силен, без оглед на проблемите со кои се соочуваше во изминатиот период. Затоа, ќе мораме да останеме фокусирани во текот на целиот меч за да стигнеме до победата и да си ја оствариме зацртаната цел, да се задржиме на првото место во групата“, истакнува Домагој Дувњак.

Се вчитува...