Вардар против Мешков Брест во поход по прв триумф сезонава во Лигата на шампионите

Македонскиот ракометен шампион Вардар вечерва ќе го пречека белорускиот Мешков Брест во натпревар од 2. коло од новата сезона во Лигата на шампионите.

„Црвено-црните“ во првото коло прикажаа добра игра на гостувањето во Норвешка против Елверум, а престојниот меч со белорускиот ривал е одлична можност за прва радост во елитното европско натпреварување.

„Во животот сигурна е само смртта, се друго е релативно, заедно со победите и поразите на терен. Ова е меч на кој треба да победиме, но треба, мора и реално победување на терен е нешто сосема различно. Имавме напорен ритам, заедно со следните средби со Мешков Брест и со Еурофарм ќе имаме пет средби за две седмици, тоа е пеколно темпо што не може да мине без последици. Треба да се надминеме себеси против Мешков, тоа е одличен тим кој напредува од година во година. Имаат извонредни играчи, секоја година дополнително се засилуваат, но секогаш се се врти околу Скубе. Со нетрпение го очекувам мечот пред публика, Вардар без навивачи на трибините не е Вардар. Не знам во колкав број ќе дојдат в среда, но и против Загреб се виде колку ни значи нивната поддршка“, истакна тренрот Веселин Вујовиќ.

Капитенот Стојанче Стоилов е оптимист дека неговиот тим ќе успее да слави на овој натпревар, за прв триумф во новата сезона од Лигата на Шампионите.

„Ова е второ коло, играме дома против Мешков Брест. Првиот дуел со Елверум беше чуден, можевме да добиеме, можевме и да загубиме. Сега пред нас се три домашни натпревари во низа, но ние сме фокусирани само на дуелот со Мешков Брест, дома пред публика после подолго време. Се надевам дека ќе одиграме најдобро што можеме и ќе победиме пред публиката чија поддршка ни е неопходна“, изјави Стоилов.

Натпреварот меѓу Вардар и Мешков Брест кој ќе се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје е закажан за 20.45 часот.

Се вчитува...