Вардар против Веспрем: Доцна е за чудо, но барем да се обели образот по скопското фијаско

Ракометарите на Вардар вечерва (18.45 часот) му гостуваат на Веспрем во реванш-дуелот од осминафиналето во Лигата на Шампионите. Вообичаено овие реванши го даваат одговорот на прашањето околу патникот во следната рунда, но тоа нема да биде случај денеска, бидејќи Веспрем целата работа ја заврши уште во Скопје, кога го декласираше Вардар со преубедливи 14 гола разлика (27-41).

Илузорно е „вардарци“ да се надеваат во чудо и пласман во четвртфиналето, но затоа пред себе како обврска мора да имаат обелување на образот, по катастрофалниот пораз каков што не му доликува на двократен европски првак од последните пет години. Алушовски по тој меч беше видно незадоволен од пристапот на своите играчи, па останува да се види во какво издание ќе се прикажат „црвено-црните“ вечерва, во нивниот последен овосезонски европски натпревар.

На спротивната страна, домашниот тренер Давид Дејвис јасно им стави до знаење на своите избраници дека не смее да дојде до опуштање на денешниот реванш.

„Одигравме извонредно во Скопје, Вардар немаше загубено со повеќе од седум гола во групната фаза, а ние го совладавме со двојно поголема разлика. Сите аспекти во нашата игра функционираа беспрекорно, нормално дека сме среќни, но сега не смееме да го „преспиеме“ реваншот само затоа што имаме удобна предност. Нема да го потцениме Вардар, мораме да си ја завршиме задачата и со триумф да се пласираме во четвртфиналето“, изјави Дејвис.

Се вчитува...