Вардар само се збогува…13 првотимци го напуштија клубот за само шест месеци

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар остана без цел тим во период од шест месеци. Дури 13 фудбалери го напуштија клубот и тимот остана обезличен. Капитенот Бобан Грнчаров, замениците Никола Глигоров и Дејан Блажевски, Дарко Глишиќ, Ацо Стојков, Хофханес Хамбарџумјан, се фудбалерите на кои клубот денеска им се заблагодари за убавите заеднички моменти во изминатиот период.

Претходно, Вардар го напуштија и Бразилецот Хуан Фелипе, репрезентативците Бобан Николов, Стефан Спировски, Дарко Велкоски, како и Филип Стојчевски, Џамбул Џигаури, Петар Петковски, Балотели… Си замина и тренерот Чедомир Јаневски, па Вардар дефинитивно ќе има нов лик. Но, и тешко дека ќе може да оформи таков состав…

„Понекогаш доаѓа време кога треба да се сврти нова страница, доаѓа време на промени, а таков „бран“ го зафати и Вардар. Дојде времето на некои други да го покажат својот потенцијал и квалитет во нашиот тим, кои ќе донесат нови ветришта, ќе го поведат „црвено-црниот“ клуб кон нови успеси, кон нови победи, титули, меѓународни успеси…

Затоа во овој момент им се заблагодаруваме на сите оние кои што беа дел од Вардар во изминатата сезона, а кои во иднина нема да бидат во нашиот клуб, барем не како играчи. Им кажуваме едно големо БЛАГОДАРАМ поединечно на: нашиот капитен Бобан Грнчаров, потоа на заменикот Никола Глигоров, на третиот капитен Дејан Блажевски, на Ховханес Хамбарџумјан, благодариме на Дарко Глишиќ и на Ацо Стојков за сето она што го сторија за нашиот тим во изминатите неколку години. На сите шестмина им истекоа договорите со Вардар, и тие се слободни фудбалери. 

ГРНЕ, НИКОЛА, ШИЛЕ, ХОФ, ГЛИШ И АЦЕ… Од срце Ви се заблагодаруваме за прекрасните мигови минати во нашиот тим. Овие четири години во кои се случија само убави работи, ќе придонесат да ги паметиме вашите настапи, и тие да бидат пример за идните генерации кои доаѓаат. Ни беше чест и задоволство што го носевте дресот на нашиот тим. 

Можеби после Вас во Вардар нема ништо повеќе да биде исто, но амбициите и целите на клубот остануваат исти. Продолжуваме по патот на кој Вие чекоревте, а тоа беше оној шампионскиот. Затоа сме и најтрофеен клуб, затоа што секогаш го имаме најдоброто. Така ќе биде и во иднина“, објави ФК Вардар на својот официјален сајт.

Се вчитува...