Вардар се мачи за нови засилувања – и Санталов ги одби „црвено-црните“

Ракометарите и стручниот штаб на Вардар се подготвени за одбрана на европската круна, но во меѓувреме раководството на клубот мака мачи да доведе адекватни засилувања кои би го намалиле ударот по егзодусот на клучните играчи што ќе се случи во текот на летово. Дека проблемот не е нималку наивен доволен доказ е што „вардарци“ се одбиени дури и од Димитри Санталов, рускиот репрезентативец кој најави дека наместо да дојде во Македонија, ќе остане во редовите на Чеховски медведи.

„Точно е, разговарав со Вардар, но не успеавме да се договориме. Како што стојат работите, ќе останам во Чеховски медведи, имам и договор со оваа екипа“ – изјави Санталов за руските медиуми.

И додека Сергеј Самсоненко најавува дека Вардар повторно ќе биде конкурентен, реалноста за жал е малку поинаква. Клубот го напуштаат Штербик, Циндриќ, Абутовиќ, Канелјас, Македа и Марсениќ, на чело со „ел команданте“ Раул Гонзалес, а од звучно засилување нема ни трага ни глас.

„Вардарци“ во минатото функционираа „европски“, па трансферите ги договараа со месеци однапред, но сега се е поинаку. На крајот од сезонава тие го имаат договорено само српскиот талентиран голман Милосављев, како замена за „големиот Штербик“. Пред трансфер се наоѓа и Русинот Киселев, како и повратникот Горбок, но овие тројца се далеку од класата на сите оние кои ќе си заминат.

Се вчитува...