Екипата на Вардар дојде до триумфот број 11 во првенството на 14-тиот натпревар, и натаму останува непоразена екипа, откако денеска го совлада тимот на АП Брера со 2-0 во Струмица. Со тоа „црвено-црните“ целосно им се реваншираа на струмичани за ремито во Скопје 3-3. АП Брера, пак, го запиша шестиот пораз во сезоната, и сега четири меча по ред нема победа.
Откако го „преспа“ првиот дел, Вардар стигна до победа во второто полувреме. Најсериозната шанса во првиот дел ја имаше Спахиу, кога лошо ја зафати топката, иако беше во идеална шанса, но таа заврши само крај голот. „Црвено-црните“ имаа уште неколку полушанси, ама во првиот дел не го отворија резултатот.
Затоа тоа им успеа во вториот дел. Најпрво во 53. минута Михаил Талевски по една супер акција и проигрувања на мал простор, на крајот играчот на Вардар убаво ја заврши оваа комбинаторика за предност. Голот се проверуваше од страна на ВАР судиите, но потоа беше потврден.
Се играше 71. минута кога Вардар во голема мера го реши победникот на овој меч. Огромна грешка на Луковиќ, кој ја додаде топката до Тодоровски, кој убаво се снајде во казнетиот простор и го совлада Илоски за предност од 0-2.
АП Брера не успеа да дојде до брз гол и да се врати во игра, односно одбраната на скопските „црвено-црни“ беше на висината на задачата, и успеа да ја сочува мрежата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

