Вардар се враќа под Шара, Шкендија по бодови во Ѓорче Петров

По поразот од Шкендија на стартот од пролетниот дел од сезоната, Вардар денеска од 14 часот повторно се враќа под Шара. Овој пат во 20. коло од Првата македонска фудбалска лига на мегдан со Ренова.

„Гипсарите“ минаа одлични подготовки па сега со право веруваат во триумф против Вардар во дерби дуелот на колото. Шефот на стручниот штаб Никола Илиевски – Џиџи е сигурен дека неговиот тим може да уште едно квалитетно издание кое би довеле до бодови од пресметката со „црвено-црните“. Иако „вардарци“ значително мотивирани пристапуваат на натпреварот, желни зад себе да го остават дуелот против Шкендија од првото пролетно коло.

Македонија ЃП повеќе од десет години не знае за триумф против Шкендија во меѓусебните пресметки на домашната фудбалска сцена. Токму тоа, како што нагласуваат, е силен мотив за „лавовите“ пред денешната пресметка во Ѓорче Петров.

„Лавовите“ немаат победа против Шкендија од 26. април 2008 година кога триумфираа со 1-0. Во последните 11 меѓусебни дуели, пак, почнувајќи од април 2014 година, Шкендија има дури девет победи а само две пресметки завршиле без победник.

Во таборот на Македонија ЃП веруваат дека може да парираат на Шкендија на свој терен и покрај лошиот старт на пролетта со поразот од 3-0 на гостувањето против Академија Пандев.

„Знаеме дека Шкендија ја носи фаворитската улога. Ќе биде тежок дуел, но подготвени сме за максимално надигрување носени од силната желба за позитивен резултат“ – вели офанзивецот на Македонија ЃП, Христијан Кировски.

Од друга страна, Шкендија не смее да си дозволи кикс доколку сака и натаму да ја одржува предноста во однос на Вардар на врвот од табелата.

ПМФЛ – 20. КОЛО (денеска, 14 ч.)

Струмица: БЕЛАСИЦА – АК. ПАНДЕВ

Тетово: РЕНОВА – ВАРДАР

Скопје: РАБОТНИЧКИ – СИЛЕКС

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКЕНДИЈА

Скопје: ШКУПИ – ПОБЕДА

Се вчитува...