Вардар се збогуваше со ЛШ: Веспрем убедлив и на реваншот

Вардар ги заврши настапите во овогодинешното издание од Лигата на Шампионите со елиминација во осминафиналето од Веспрем, откако македонскиот првак го загуби убедливо и вториот меч против унгарскиот гигант. Дилемите за патникот во четвртфиналето беа разрешени уште во Скопје со триумфот од 14 гола на Веспрем, што беше причина и двата тима без преголем притисок да одиграат вечерва во Унгарија. Тоа придонесе да нема преголем интензитет во одбраната и да се игра ефикасно на двете страни. Веспрем ја потврди фаворитската улога и на овој реванш, докажувајќи ја на терен разликата во класи со триумф од 39-30.

Почетничките грешки од првиот меч продолжија и на стартот од денешниот дуел, откако Дисингер испушти една топка низ рацете, по што Шишкарев донесе прво водство на Веспрем од два гола (4-2). Вардар експресно се врати и израмни на 4-4. a при 6-6 македонскиот тим не искористи два напади за водство. Казната стигна, па Веспрем за две минути постигна три гола и поведе со 9-6. Вардар дојде до 10-9, имаше и напад во кој Дисингер направи пробиваање, по што домаќините влегоа во серија лесни голови и набрзина стигнаа до 15-10, предност што ја задржаа до крајот на полувремето (20-15).

Веспрем фуриозно го почна второто полувреме, казнувајќи ја недисциплинираната игра на Вардар при „седум на шест“ за брзо водство од , по што Алушовски беше принуден уште во 34. минута да побара тајмаут, по голот во празна мрежа на Шишкарев за 24-16. Советите не вродија со плод, а Алушовски само шест минути подоцна збесна на Јотиќ, барајќи нов тајмаут по двата лесни гола на Штрлек за првото двоцифрено водство на Веспрем (30-20). Домаќините за момент се опуштија, а Вардар го искористи тоа, намалувајќи на 31-25. Македонскиот првак имаше и напад и две минути со играч повеќе, но повторно се влезе во серија грешки, Унгарците влегоа во низа голови, за на крајот Веспрем да триумфира со конечни 39-30.

Стоилов и Дибиров постигнаа по пет гола, а Чупиќ и Шеваљевиќ по четири погодоци за македонскиот првак, додека најефикасни во редовите на Веспрем беа Шишкарев и Нилсон со по шест погодоци.

Следен ривал на Веспрем во четвртфиналето од Лигата на Шампионите ќе биде Нант предводен од нашиот Кире Лазаров.

Се вчитува...