Вардар, сепак, ќе игра меч до крајот на годинава

Ракометарите на Вардар сепак нема да ја завршат оваа календарска година без ниту еден одигран натпревар во декември, откако ЕХФ реши да го презакаже одложениот дуел со Пик Сегед за 22 декември (вторник).

Овој натпревар требаше да се игра уште во месец октомври, но беше одложен поради коронавирус во редовите на унгарскиот вицепрвак. Во ситуација кога во Лигата на шампионите има бројни одложени натпревари, челниците на ЕХФ мака мачат да го состават календарот. Денеска беше одлучено мечот Пик Сегед – Вардар да биде одигран на 22 декември, што ќе биде последен натпревар и за двата тима во оваа календарска година.

„Црвено-црните“ се соочуваа со огромни проблеми поради коронавирусот, но во текот на оваа седмица завршува периодот на самоизолација на десетмината ракометари кои беа позитивни по мечот со Киелце. Така, „вардарци“ ќе имаат доволно време за да се подготват за гостувањето во Унгарија, што ќе биде нивни последен предизвик за 2020 година.

Се вчитува...