Вардар си пее „ова е само наше Скопје“, а Шкендија го прегази Работнички

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар продолжува со очајни игри и резултати во завршницата од шампионатот. Продолжува ’распродажбата’ на бодови на ривалите, а „црвено-црните“ денеска си ја пееја песната „Ова е само наше Скопје“… Три бода од арената „Филип Втори“ однесе Скопје, со триумф 0-1, кој грчевито се бори за опстанок во Првата лига.

Бобан Бабунски беше поставен за да го исправи бродот што тонеше под раководство на Чедомир Јаневски, но тој удри директно во карпа, па се распадна со засрамувачки одек. Досех Кофи во 45.минута беше стрелец на победничкиот погодок за Скопје на овој натпревар. Останатиот дел од мечот и не е премногу за раскажување, туку за засрамување.

Шкендија со 3-0 го прегази Работнички во Тетово. Стенио Жуниор во 22.минута ги доведе во водство новите шампиони, Благоја Тодоровски во 55.минута зголеми на 2-0, а пет минути подоцна „романтичарите“ останаа со играч помалку поради исклучувањето на Нехар Садики. Конечниот резултат го постави Арменд Алими во 84.минута.

Победува Скопје, ама победува и Пелистер. Ај, мајката…Клубовите што се борат за опстанок излегоа најсилни во шампионатот. Битолскиот прволигаш славеше со 3-2 против Ренова под „Тумбе кафе“. Во меч со пресврти, Ренова поведе со голот на Меџит Незири во 14.минута. Но, Бојан Илиевски израмни на 1-1 во 35.минута.

Борче Маневски во 54.минута донесе предност за Пелистер, ново израмнување следеше со погодокот на Љавдрим Скендери во 71.минута, а три мноу важни бода за Пелистер донесе Димче Ристевски во завршницата од дуелот.

Шкупи и Силекс на Чаир ремизираа 1-1. Омар Имери во десеттата минута и побегна на гостинската одбрана и го отвори резултатот во корист на Шкупи, а Силекс израмни осум минути подоцна, со погодокот на Кристијан Филиповски.

Академија Пандев ја совлада Победа со 1-0. Стрелец на единствениот гол на овој натпревар беше Зоран Балдовалиев уште во втората минута.

ПРВА ЛИГА, 32.КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

ВАРДАР – СКОПЈЕ 0-1

ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ 3-0

ПЕЛИСТЕР – РЕНОВА 3-2

ШКУПИ – СИЛЕКС 1-1

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ – ПОБЕДА 1-0

Табела: Шкендија 79, Вардар 52, Силекс 46, Работнички 42, Ренова 40, Академија Пандев 39, Шкупи 38 (-1), Победа 32, Скопје 31, Пелистер 31 (-1).

Се вчитува...