Вардар со најмала заработка од сите клубови учесници во Лигата на Европа минатата сезона

ФК Вардар е клубот со најмала заработка од 48 европски клубови учесници минатата сезона во групната фаза од Лигата на Европа, објави официјално УЕФА.

Европската куќа на фудбалот и официјално ја објави вкупната заработка на сите клубови учесници во Лигата на Европа 2017/2018 (вкупно 56 заедно со 8 од групната фаза во ЛШ), вклучувајќи ги основните средства кои УЕФА ги доделува за учество во ЛЕ, дополнителните бонуси согласно резултатите и добивката од маркетиншки права.

Вардар од своето прво историско учество во Лигата на Европа доби 3,14 милиони евра, најмалку од сите клубови. Од тоа 2,6 милиони евра за учеството во групите, само 120.000 евра од постигнатите резултати, што е исто така најмалку од сите клубови учесници, и скромни 424.000 евра од ТВ права.

Но, и овие средства за ФК Вардар кои се повеќе од високи за условите во кои живее македонскиот фудбал изненадувачки не беа доволни за стабилизација и дополнително финансиско зацврстување на „црвено-црните“ кои наспроти тоа, токму по годината на учество во ЛЕ ја доживуваат најголемата финансиска криза во последните седум години, откако во 2011 година Град Скопје го презеде владеењето со најтрофејниот македонски клуб.

Инаку, минатата сезона најмногу средства од учеството во Лигата на Европа заработил Арсенал – 37,8 милиони евра иако стигна само до полуфиналето каде загуби од Атлетико Мадрид. На мадриѓаните од ЛЕ им припаднаа 16,3 милиони евра, но тие имаат 31,7 милиони евра и од учеството во Лигата на шампионите во есенскиот дел од сезоната 2017/2018.

Се вчитува...