Европскиот ракометен првак Вардар има одлична можност да ја продолжи победничката серија во групниот сегмент од Лигата на шампионите со оглед дека гостува во Запорожје кај Мотор во дуелот од третото коло. Вистина е дека Вардар загуби на првото гостување сезонава кај украинскиот тим, но тоа беше меч од СЕХА лигата, а и двете екипи се во сосема спротивставени позиции во Шампионската лига. Вардар е со две победи, а Мотор со два пораза.
Овој дуел секако ќе влезе во историјата на Вардар со оглед дека „црвено-црните“ на него ќе го запишат историскиот 4000. гол во групната фаза од ЛШ со што ќе стане само дванаесеттиот тим на кој му успеало тоа.
„Секако дека натпреварот ќе биде различен. Тој на почетокот на септември беше веднаш по настапот на Супер Глоуб, а сега веќе зад себе имаме повеќе дуели, формата се подобрува. Мотор покажа дека е добар тим и сигурно повторно ќе ни биде тешко да играме. Но, сега има разлика, ова е средба од Лигата на шампионите, ние сме целосно фокусирани на натпреварите и така и ќе настапиме и сега“ вели во пресрет на натпреварот тренерот на Вардар Давид Писонеро.
Разлика во однос на првиот натпревар против Мотор сезонава е тоа што на денешната средба во тимот на Вардар ќе бидат Калифа Гедбане и Сташ Скубе. На гостувањето отпатуваа 18 ракометари со оглед дека Вардар потоа директно од за Словачка за дуелот со Татран Прешов.
„Веќе игравме со Мотор, само што сега ќе биде поинаку. Ќе бидеме комплетни и плус имаме зад себе повеќе натпревари. Се покажа дека Мотор може да биде незгоден, а ние видовме каде треба да се подобриме. Секако дека одиме на победа и освојување бодови“ – најавува Сергеј Горбок.
Еднинствениот пораз на Вардар од шесте одиграни натпревари сезонава, во сите натпреварувања е токму од Мотор што секако е одличен мотив за „црвено-црните“ ракометари на континенталниот шампион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА