Вардар со реми против Елверум ја стартуваше новата сезона во Лигата на шампионите

Ракометниот шампион на Македонија, во трилер завршница одигра нерешено 27-27 на гостувањето кај Елверум во Норвешка во премиерниот натпревар сезонава во Лигата на шампионите.

Вардар се соочи со проблеми на стартот, по неколкуте промашени чисти шутеви на избраниците на Веселин Вујовиќ. „Црвено-црните“ во петтата минута добија и пенал, но Дибиров имаше почетнички обид за лоб што домашниот голман лесно го одбрани. Гаџа го постигна првиот гол за Вардар во шестата минута, намалувајќи на 2-1 за Елверум. Цврстата одбрана предводена од Томовски овозможи експресен камбек, па Гаџа со својот втор гол донесе и прво водство на Вардар од 3-4 на почетокот од 11. минута од овој натпревар.

Мартин Томовски продолжи со одличниот настап бранејќи нови удари на домаќините, па голманот на Вардар на половина од полувремето само четири пати ја вадеше топката од својата мрежа (4-5). Кевин Нијокас влезе во игра во овој дел од мечот и веднаш биеше прецизно од позицијата десен бек, за во следниот напад умешно да асистира до пивотот Тото.

На крилата на Томовски, вардарци продолжија со одличната игра и во 25. минута за првпат стигнаа до плус четири (8-12). Сепак, следеше пад на нашите ракометари кои го искористија Норвежаните и со серија од 5-1 успеаја да стигнат до нерешено (13-13).

И на стартот на вториот дел продолжи серијата на Елверум кој стигна и до плус три 16-13. „Црвено-црните“ успеаја да се консолидираат и во 47. минута повторно да дојдат до водство од 21-22. Во 48. минута полскиот интернационалец по еден груб старт доби директен црвен картон, а Норвежаните поведоа со 23-22. Вардар продолжи да игра седум на шест, а неколкуте грешки доведоа домаќините на четири минути до крајот да стигнат до плус два (27-25). По тајм-аутот на Веселин Вујовиќ, Мартин Томовски повторно влезе во серија, а со голот на Стојанче Стоилов, Вардар израмни на 27-27 на минута и пол до крајот. Следеше нов потрошен напад на домаќините, по кој „вардарци“ го имаа последниот напад за победа, во кој Анте Гаџа избрза и не успеа да реализира на седум секунди до крај, по кои Норвежаните добија нова шанса за победа.

Мартин Томовски со 14 одбрани беше одличен на голот на Вардар, додека во нападот Жери Тото заврши со шест гола. Кај Елверум по шест постигнаа Мате и Хелдал.

Се вчитува...