Вардар со Татран ја заокружува 2018 на домашен терен

Ракометарите на Вардар во среда (20.15 ч.) во СЦ „Јане Сандански“ го пречекуваат Татран Прешов, во дуелот од СЕХА лигата, последен за вардарци пред домашната публика за 2018 година. До крајот на годината на „црвено-црните“ им останува и гостувањето во Букурешт против Стеауа на 17 декември.

Татран Прешов е едно од позитивните изненадувања во СЕХА лигата сезонава. Словачкиот шампион моментно е на второто место на табелата со 24 бода исто колку што имаат и ППД Загреб и Нексе во тројката зад Вардар кој е на лидерската позиција со 27 бода.

Татран пружи силен отпор и на првиот меч со Вардар сезонава на домашен терен, кој заврши со минимална предност за „црвено-црните“ (26-27), а се очекува неизвесен дуел и во среда во Скопје.

„Ни претстои нов натпревар во СЕХА лигата против одлична екипа која игра во Лигата на шампионите. Очекувам тежок натпревар. Нашата цел е да дојдеме до победа и ни претстои добра работа за да се подготвиме и да го оствариме тоа. Ни остануваат уште два натпревари до крајот на овој дел од сезоната и очекувам да ги одработиме на потребното ниво“ – најави тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

Максимално сериозне пристап во дуелот со Татран Прешов најави и капитенот Стојанче Стоилов.

„Овие мечеви пред крај на сезоната секогаш се тешки. Татран е незгоден противник и треба да го сфатиме сериозно. Потребни ни се две победи за да останеме на првото место“ – истакна Стоилов.

Се вчитува...