Вардар стана европски првак, а остана 700.000 евра „во минус“

Ракометниот клуб Вардар го оствари најголемиот успех во македонскиот спорт – освојување на Лигата на шампионите, со буџет од вкупно осум милиони евра, според официјалните финаниски податоци што ги обелодени порталот Фактор. Сепак, позагрижувачки е фактот дека „вардарци“ најуспешната сезона во клупската историја ја завршија со значителен финансиски „минус“ од над 700.000 евра (поточно, 44 милиони денари).

Со оглед на фактот дека и машкиот и женскиот клуб од 2015 година се водат под исто акционерско друштво, логично е ова да претставува вкупен буџет на двете екипи за сезоната 2016/2017, од кои машката стигна до врвот на Европа, додека жените се пласираа во финалето од Ф4 турнирот во Будимпешта, но таму загубија од Ѓер.

„Официјалните податоци за 2016 година покажуваат дека вкупните приходи на „Вардар“ биле 420 милиони денари односно 7 милиони евра. Таа година клубот ја завршил со добивка од 11 милиони денари. Ланската година, кога „Вардар“ и стана европски шампион вкупните приходи на клубот биле 412,22 милиони денари, а годината ја завршил со загуба од 44 милиони денари. Што значи дека буџетот на „вардарци“ за ланската година изнесува околу 450 милиони денари“ – пишува „Фактор“.

Овие податоци се само уште еден доказ за неисплатливоста на ракометниот спорт, на кој голем дел од финансиерите гледаат како на „дупка без дно“ поради фактот дека и при најголем успех останува личната сатисфакција, но и значителна финансиска загуба. Додека во фудбалот и кошарката трофеите во елитните натпреварувања значително се наплаќаат, во ракометот тоа не е случај, па и логично е што газдите после извесно време се решаваат да ги намалат буџетите, или пак целосно да се повлечат од овој спорт.

Се вчитува...