Вардар тргнува во Порто со „пеколот“ во ЛШ

Ракометарите на Вардар со вечерашното гостување против Порто (20-45. часот) ја почнуваат серијата исклучително тешки натпревари во Лигата на Шампионите. „Црвено-црните“ поради бројните откажувања кон крајот на 2020 година сега ги очекува „пеколен февруари“, а само во наредните седум дена „вардарци“ ги очекуваат три тешки гостувања, против Порто, ПСЖ и Фленсбург.

Избраниците на Алушовски ја почнаа годинава со две победи во СЕХА-лигата, но повеќе од јасно е дека Порто е ривал на ниво далеку повисоко од она на Војводина и Нексе.

„Имавме тежок натпревар против Нексе кој до последната минута беше неизвесен. Се потрудивме позитивните работи од тој меч да ги пренесеме и тргнеме од тука со позитивна енергија и сè што значи позитивна мисла за дуелот со португалската екипа. Нормално дека нè очекува тежок натпревар, Порто е практички е „репрезентација на Португалија во мало“. Дванаесет репрезентативци од оваа селекција се дел од тимот на Порто, според мене најголемата опасност ќе доаѓа од нивните бекови. Доколку успееме да ја затвориме соработката меѓу нив, имаме шанси да направиме добар резултат во Порто“, вели тренерот Алушовски.

Првиот овосезонски натпревар меѓу Вардар и Порто одигран во Скопје на 22 октомври 2020 година заврши без победник, 25-25.

Се вчитува...