Вардар убедлив против словенечки третолигаш

Фудбалерите на Вардар триумфираа со 4-1 над словенечкиот третолигаш Шампион од Целје, во првиот контролен натпревар што „црвено-црните“ го одиграа како дел од подготовките за новата сезона. Погодоците беа дело на играчи кои неодамна пристигнаа во таборот на „вардарци“, па така Јуфо и Најдовски дадоа по еден, а Мицевски беше стрелец на два гола на денешната средба.

Низ целосна доминација на теренот, Вардар брзо стигнаа до водство од 3:0 во првите 34 минути од мечот. Првиот гол беше постигнат во 9. минута, од левата страна Барсегјан го проигра Максимов чиј удар беше блокиран, а топката стигна до Јуфо кој стрелаше во мрежата. На 2-0 зголеми Мицевски на асистенција на Барсегјан, а истиот фудбалер дванаесет минути подоцна зголеми и на 3-0 по големата грешка на противничкиот голман.

Во миговите кога Вардар имаше доминација и се под контрола на натпреварот, една грешка во погодок ја претвори Родиќ. Тој ја пресече топката упатена од Попов кон Новак, излезе сам пред голот, и успеа да погоди во долниот лев агол во 43. минута. На стартот од вториот дел, шефот на стручниот штаб Бобан Бабунски се одлучи да ги смени сите 11 на теренот, и да уфрли целосно нов состав. Темпото на игра опадна, а конечните 4-1 ги постави Најдовски од пенал, откако Исени беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник.

ВАРДАР: Алексовски (46’ Илиќ), Брдаровски (46’ Тодороски), Новак (46’ Тошевски), Попов (46’ Серафимов), Антовски (46’ Реџепи), Битанг (46’ Најдовски), Мицевски (46’ Исени), Јуфо (46’ Адем), Цветановски (46’ Попзлатанов), Барсегјан (46’ Бериша), Максимов (46’ Талески).

Се вчитува...