Вардар убедливо против Еурофарм: Работник е далеку од „лек“ за шампионот!

Сосема очекувано Вардар стигна до убедлива победа против Еурофарм Работник со 38-29 (18-8) во 2. коло од плеј-офот во Суперлигата на Македонија.

Иако „вардарци“ на натпреварот настапија без четворица стандардни ракометари, Лука Циндриќ, Игор Карачиќ, Илија Абутовиќ и Даниел Шишкарев, не само што немаше неизвесност на мечот туку гостите не можеа во ниту еден дел од играта да парираат.

Вардар во второто полувреме имаше водство и од 15 гола разлика, но откако се беше решено, тогаш и клупата на европскиот првак ја смени поставата, се „измешаа” ракометарите па тоа го искористи Еурофарм Работник да намали на пристојни 38-29.

Најефикасен во триумфот на Вардар беше Поповски со 8 гола, Криштопанс постигна 7, Борозан 6, а Војводиќ мечот го заврши со три погодоци.

Сега за Вардар следува пауза од домашни натпревари поради настапот на Ф4 турнирот од СЕХА лигата.

Се вчитува...