Вардар верува во чудо – Веспрем може да падне во Скопје

Ракометарите на Вардар со доза на оптимизам влегуваат во денешниот дуел со Веспрем (18.45 часот, СЦ „Јане Сандански“), прв од двомечот со унгарскиот првак во четвртфиналето од Лигата на Шампионите. „Црвено-црните“ на почетокот од сезоната загубија од овој ривал во финалето од СЕХА-лигата, но оттогаш формата на „вардарци“ се движи во нагорна линија, што влева оптимизам дека може да се стигне до позитивен исход на денешниот дуел на кој Унгарците секако ја имаат улогата на фаворит.

„Црвено-црните“ минатиот викенд во големото дерби на македонското првенство го декласираа Еурофарм Пелистер со 35-27, што сигурно уште повеќе им ја зголеми самодовербата пред денешниот прв меч со Веспрем.

„Дуелот со Веспрем за нас е многу важен. Ги познаваме добро. Игравме на стартот на сезоната во СЕХА лигата и не одигравме како што знаеме. Сепак, беше почеток на сезона многу нови играчи и мислам дека сега е поинаку по осум, девет месеци работа на оваа екипа. Треба да им се реваншираме. Играат многу цврста и силна одбрана и затоа ќе мораме максимално и фокусирано да ги решаваме сите ситуации во напад што ќе ни се нудат. Мораме да одиграме силно во одбраната и ако играме како што знаеме одбрана со неколку брзи гола во транзиција можеме да ги загрозиме. Имавме тежок период, но фокусирани сме на мечот бидејќи немавме можност да го покажеме вистинското светло поради целата криза со коронавирусот“, изјави Филип Талески, македонскиот репрезентативец во редовите на Вардар.

Се вчитува...