Вардар во Данска ќе ги „лечи раните“ за поразот од Монпелје

Ракометарите на Вардар вечерва му гостуваат на дански Алборг во натпревар од 5. коло од новата сезона во Лигата на шампионите.

Тренерот Веселин Вујовиќ на овој меч поради здравствени причини нема да може да смета на херојот од мечот во „Јане Сандански“, голманот Борко Ристовски.

„Ќе биде многу поразличен натпревар од тој во Скопје. Во Скопје се обидовме да не влеземе во нивниот ритам, да не трчаме многу да ги успориме, а крајниот резултат е показател дека успеавме во тоа. Тие сигурно нема да ги повторат грешките од Скопје. Ќе трчаат многу и многу се посилини во тој сегмент од контри и полуконтри од нас. Ќе ни недостастува Борко Ристовски кој нема да патува во Данска поради здравствени причини. Малку сме сите загрижени по мечот со Монпелје. Очекувањата на јавноста, но и нашите беа многу поголеми. Но, тој меч покажа дека во Европа се игра многу силен ракомет, дека нема лесни противници, дека Вардар мора уште многу работи да поправи за да игра со најдобрите екипи. Мораме многу да трчаме и да се трудиме да не примиме лесни голови, бидејќи тоа им е најсилен сегмент. Не одиме со бело знаменце, бидејќи ако можеше Брест Мешков да игра во егал до крајот зошто да не можеме и ние“, изјави Вујовиќ. 

Бекот на „црвено-црните“, Анте Кудуз вели дека добар е „шамарот“ кој го добија од Монпелје бидејќи успеале да се разбудат и да сфатат дека ниту еден противник не може да се победи лесно.

„Тие сигурно ќе одат на победа, но сигурно и ние тука нешто се прашуваме. Се подготвувавме добро. Ќе биде многу интересен натпревар. Доживеавме „ладен туш“ против Монпелје што е можеби и добро да добиеме еден таков „шамар“ и да се разбудиме. Секој натпревар е различен и сигурно и тие се подготвија подобро за нас од првиот меч. Се познаваме добро и двата тима и не очекувам да има големи изненадувања. Чекам еден цврст и борбен натпревар од двете страни“, изјави Кудуз. 

Натпреварот меѓу Алборг и Вардар од 5. коло во Лигата на шампионите е со почеток во 18.45 часот.

 

Се вчитува...