Вардар во „Фленс Арена“ го брка духот од минатото

Два натпревари го делат Вардар од конечно оставрување на сонот и пласман на Фајналфор турнирот од Лигата на шампионите во Келн. Денеска (17.30 ч.) вардарци во „Фленс Арена“ му гостуваат на Фленсбург, во првиот натпревар од четвртфиналната пресметка во ЛШ. Реваншот го играат пред својата публика во Скопје на 27 април.

„Вардар е таму каде што заслужува да биде и каде што му е местото. Со Фленсбург ќе се бориме за да стигнеме конечно на тој Ф4 во Келн. Имаме противник што многу го почитувам, во последниве сезони успеаја да освојат и титулата во ЛШ што многу значи. Мислам дека ние имаме екипа и ако ги гледаме резултатите сезонава, мислам дека имаме добра шанса која треба да ја искористиме и да се обидеме да го поминеме Фленсбург. Нема да биде лесно, но верувам во екипата, во нашата публика и во цела Македонија. Тој еден чекор напред го заслужува и Вардар и македонската публика“ – истакна голманот Арпат Штербик во пресрет на четвртфиналниот дуел со Фленсбург

Три пати досега македонскиот шампион беше на чекор до Ф4 во Келн, но во ниеден од трите обиди не успеа да ја мине последната четвртфинална пречка. А, токму Фленсбург беше првиот што застана на патот на „црвено-црните“ во она антологиско прво од трите четвртфиналиња во серија што ги одигра Вардар во последните три сезони во ЛШ. На првиот натпревар на домашен терен германскиот тим славеше со 24-22. На реваншот во Скопје, Вардар триумфира со 27-25, но тоа беше пирова победа за „црвено-црните“. Последниот гол на Андрес Егерт од седмерец  на Фленсбург му донесе разлика која со правилото за повеќе постигнати голови на гостински терен, го  однесе германскиот тим на Ф4 во Келн на кој таа сеозна ја освои и првата шампионска титула.

„Вардар сезонава е многу посилен. Ќе биде исклучително тешко, но јас се надевам дека историјата може да се повторни и ние повторно да ги победиме и да играме во Келн“ – порача тренерот  Љубомир Врањеш.

Легендарниот Швеѓанец летово ја напушта клупата на Фленсбург и се сели во Веспрем, но сака својот омилен клуб во кој помина 11 години, да го остави на врвот, што е уште еден мотив повеќе за Фленсбург да ја мине четвртфиналната пречка во ЛШ.

Мотивот не недостасува ни кај вардарци кои ја играат најдобрата сезона во клупската историја и решени се по три четвртфиналиња конечно да го направат и тој еден чекор напред што ги носи на Ф4 во Келн.

„Трипати претходно не успеавме да се пласираме на тој догоочекуван и посакуван Ф4 во ЛШ. Годинава бевме први во групата, ја освоивме титулата во СЕХА и ја играме најдобрата сезона. Мислам дека си должиме на самите себе и на нашите навивачи да се пласираме на Ф4“ – порача капитенот на Вардар, Стојанче Стоилов.

Во другите четвртфинални средби, денеска е првиот дуел меѓу Веспрем и Монпелје, а утре играат: Кил-Барселона и Пик Сегед – ПСЖ.

Се вчитува...