Вардар во пеколна група во ЛШ: Битки со Раул, Скубе, Карачиќ…

Ракометарите на Вардар ќе имаат тешка задача во новата сеона од Лигата на шампионите, откако „црвено-црните“ попладнево ги добија противниците во групната фаза од елитното европско натпреварување. „Вардарци“ нема да имаат нималку лесна задача ако се знае дека крај нив во групата е францускиот гигант ПСЖ, потоа унгарскиот вицепрвак Пик Сегед, португалскиот шампион Порто, полскиот Киелце, белорускиот Брест Мешков, германскиот вицешампион Фленсбург и норвешкиот клуб Елверум.

Добра вест е избегнувањето на Кил од вториот шешир, но тоа само по себе значеше дека од последниот шешир „вардарци“ ќе се сретнат со Фленсбург. „Црвено-црните“ ги добија најтешките противници од последниоот шешир, покрај Фленсбург се среќаваат уште и со Елверум, кој значително се засили летово (меѓу другите, го потпиша и Лук Абало од ПСЖ), додека Загреб и Целје беа извлечени во групата Б.

Оваа група ќе значи и пресметки на „вардарци“ со бројни поранешни ракометари на македонскиот гигант, Криштопанс и тренер Раул Гонзалес од ПСЖ, Карачиќ и Душебајев од Киелце, голманот Никола Митревски од Порто, Сташ Скубе од Брест Мешков.

Кире Лазаров и Дејан Манасков ќе водат меѓусебни битки со оглед на фактот дека Нант и Веспрем беа извлечени во групата Б, заедно со Барселона, Алборг, Кил, Мотор, Целје и Загреб.

ГРУПА А: Вардар, ПСЖ, Киелце, Порто, Пик Сегед, Мешков Брест, Елверум, Фленсбург.

ГРУПА Б: Барселона, Веспрем, Кил, Алборг, Нант, Мотор, Целје, Загреб.

Се вчитува...