Вардар загуби од Победа, а Шкендија не знаеше да искористи… Триумф на Пелистер во Ѓорче Петров

Вардар го доживеа вториот пораз откако во Охрид загуби од Победа со 2-1. Шкендија тоа не успеа целосно да го искористи ремизирајќи без голови против Шкупи во Тетово, а Пелистер славеше со 1-2 на гостувањето во Ѓорче Петров. Најмногу голови беа постигнати на мечот во Штип, каде Брегалница и Силекс одиграа 3-3.

Вардар во Охрид отпатува без неколкумина стандардни првотимци кои се суспендирани и повредени, но и така беше голем фаворит против Победа. Бобан Грнчаров го доведе актуелниот шампион во водство во 30.минута, со удар со глава по корнерот од левата страна, но Победа не се предаде.

Во 75.минута, Дејан Цветаноски ја затресе мрежата на вардарци за израмнување на резултатот, а осум минути подоцна истиот фудбалер уште еднаш ја затресе мрежата на Гачевски за триумф на прилепскиот прволигаш.

Шкендија не искористи голем број шанси на мечот со Шкупи. Зендели беше одличен на голот на гостите, а Хасани ја промаши првата сериозна можност во 29.минута, кога со глава шутираше над голот. Ибраими пет минути подоцна ја погоди гредата од слободен удар, откосо од левата страна.

Во вториот дел, Цуцули, Чолак, Абдурахими, Ибраими, Хасани, Радески имаа обиди, но мрежата на Шкупи остана да мирува.

makedonija - pelister 4

Пелистер освои три бода на гостувањето во Ѓорче Петров, совладувајќи ја Македонија ЃП со 1-2. „Лавовите“ први поведоа со голот на Валмир Јонузи во шестата минута, но Лукас Кардосо израмни во 15.минута. На самиот старт од вториот дел, Фернандо Силва го постигна победничкиот погодок за „зелените“ на овој дуел.

Во Штип, Брегалница и Силекс во ревија на голови ремизираа, 3-3. Недељковиќ го отвори резултатот, но Бобан Георгиев израмни до крајот на првиот дел. Ристе Наумов во 52.минута донесе целосен пресврт и водство за штипскиот тим, но Каланоски од пенал и по вторпат донесе израмнување. Во завршницата, Филип Тимов во 84.минута постигна трет погодок за кратовци, а одговори и Дарко Стојанов во 90.минута.

ПРВА ЛИГА 21.КОЛО

ПОБЕДА – ВАРДАР 2-1

ШКЕНДИЈА – ШКУПИ 0-0

БРЕГАЛНИЦА – СИЛЕКС 3-3

МАКЕДОНИЈА ЃП – ПЕЛИСТЕР 1-2

РАБОТНИЧКИ – РЕНОВА 0-0

Табела: Вардар 47, Шкендија 41, Пелистер 36, Работнички 33, Ренова 28, Силекс 28, Победа 19, Шкупи 18, Македонија ЃП 16, Брегалница 12.

Се вчитува...