Вардар закажа промоција: Чупиќ седнува на клупата на „црвено-црните“

Вардар од петок и официјално ќе добие нов тренер откако управата на клубот реши да ја прекине соработката со Аргентинецот Гилјермо Милано по поразот на домашен терен во клучниот меч за титулата против Е. Пелистер. „Црвено-црните“ за петок точно на пладне закажаа прес-конференција на која „ќе биде промовиран новиот шеф на стручниот штаб и ќе бидат објавени плановите за следната сезона. На прес – конференцијата ќе бидат присутни Михајло Михајловски, претседателот на Вардар, и Андрија Нунев, директорот на клубот“.

Веќе е извесно дека изборот за нов тренер паднал врз Чупиќ, легендарниот ракометар со чиј погодок „вардарци“ стигнаа до првата титула европски прваци на Ф4 во Келн. Хрватот беше дел од „црвено-црното семејство“ од 2016 до 2021 година, кога си замина од мак-ракометот и се врати во Загреб, каде ја заврши играчката кариера.

Чупиќ краток период беше помошен тренер во Загреб, од јануари годинава ја имаше и првата самостојна тренерска работа како шеф на стручниот штаб на Метковиќ, а Хрватот веќе ја прифатил понудата да се врати назад во Скопје и да го предводи Вардар, во обид „црвено-црните“ да се вратат на врвот на мак-ракометот, но и што подобро да се претстават на европската сцена, во ЕХФ Европската лига.

Се вчитува...