Вардар живна и го сака скалпот на Силекс, интересна битка под „Тумбе кафе“

Вардар е можеби подмладен и наивен, но далеку од тоа дека е фудбалски неквалитетен. Тренерот Александар Васоски се труди повторно да создаде убав микс на младост и на искуство иако од клубот се одлејаа огромен број фудбалери, носители на играта од минатата сезона. Сепак, „црвено-црните“ славеа против Академија Пандев во Струмица и сега го посакуваат и скалпот на Силекс.

Кратовци не се „прославија“ во квалификациите за Лигата на шампионите, загубија со 4-0 од Карабах, но имаат компактен тим за македонски првенствени услови. Овој дуел дефинитивно го привлекува вниманието на домашната фудбалска јавност во неделната програма.

Ќе биде многу интересно и во Битола. Пелистер е повторно во елитата, а тимот на Зоран Штерјовски по два меча не знае за пораз. Сака да ја продолжи позитивната низа и против Работнички кој гостува под „Тумбе кафе“ по триумфот над Беласица. Многу млади фудбалери во двата тима, желни за докажување и за победа.

Струга Трим Лум двапати гостуваше во Тетово на стартот од првенството, извлече бод против Ренова, играше добро и против фаворитот Шкендија иако загуби, па тоа му дава за право на тренерот Срѓан Захариевски да размислува позитивно пред денешната пресметка со Борец. Велешани имаат четири бода по две кола и би сакале да останат непоразени и по денешното гостување во Струга.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 3.КОЛО (17 ч.)

ВАРДАР- СИЛЕКС

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ

СТРУГА ТЛ – БОРЕЦ

МАКЕДОНИЈА ЃП – ШКЕНДИЈА 0-1

РЕНОВА – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 2-0

БЕЛАСИЦА – ШКУПИ 0-2

Се вчитува...