Вардарки поуспешни од Крим во ВРХЛ лигата

Ракометарките на Вардар го победија Крим со 27-26 (15-11) на првиот натпревар од третиот турнир во регионалната ВРХЛ лига што се одржува викендов во Љубљана. Ова е трета победа за македонскиот првак во ова натпреварување. Утре Вардар ќе игра против Подравка.

На турнирот во Љубљана како и на претходниот во Копривница, Вардар настапува без Андреа Лекиќ, Андреа Човиќ и без Ања Алтхаус кои останаа во Скопје. Андреа Пенезиќ беше во составот на „црвено-црните“, но на овој меч не влезе во игра.

Најефикасна кај вардарки беше Јованка Радичевиќ со 12 гола, Сања Дамњановиќ постигна пет, а Александра Лакрабер заврши со четири гола. Во составот на Крим, прв стрелец беше Кампдок со пет гола, а македонката интернационалка Мирјета Бајрамовска заврши со еден погодок.

Во вториот натпревар на овој турнир, Будуќност ја победи Подравка со 21-19.

Турнирот во Љубљана е последна проверка за Вардар пред четвртфиналето во Лигата на шампионите против Митјиленд, на 9 април во Икаст и на 15 април во Скопје.

 фото:ЖРК Вардар

Се вчитува...