Вардаровите фудбалери веќе се херои – Сега се бие битка за „фудбалска бесмртност“!

Како никогаш досега во независна Македонија една македонска фудбалска екипа е блиску до можноста да биде долго дел од европската елита. „Вардарци“ вечерва се пред историска шанса во Истанбул да запишат историја за себе и за македонскиот фудбал со пласманот во групната фаза од Лигата на Европа.

Оние први 2-0 од дуелот во Скопје против Фенербахче и тоа како го ветуваат тоа. Но, сега од 19:30 часот на „Шукру Сарачоглу“, во исклучително пеколен амбиент, ќе треба да ги надминат реално и сопствените капацитети за да донесат успех каков не памети досега македонскиот клупски фудбал. „Вардарци“ тоа, и тоа како, добро го знаат…

Нескриен е фактот дека позитивното европско дело на Вардар ова лето е заслуга само на фудбалерите кои силно се издигнаа над сите турбуленции кои им се случуваа во клубот, посебно токму пред пресметката со Фенербахче. И по добиената „шлаканица“ која им ја сервираше спонзорот Сергеј Самсоненко со најавата за повлекување – во „погоден момент“ токму пред историскиот натпревар со Турците, и по тренерските смени на два дена пред мечот, и по сето она што наназад месеци ги држи во неизвесност а за кое само тие знаат…, успеаја сепак да покажат на терен дека на своите навивачи може да им подарат успеси какви што заслужуваат.

Факт е дека вардаровите фудбалери, по сите оние победи над Малме, Копенхаген и последната над турскиот гигант Фенербахче, еден од најдобрите 30 клубови во Европа според рејтингот, веќе се вистински херои кога е во прашање македонската клупска сцена, на која многу добро и го знаеме местото на Стариот континент… „Вардарци“ веќе приредија една мала серија ‘чуда’ ова лето, и сосема е јасно дека вечерва на „Шукру Сарачоглу“ апсолутно не може ништо да загубат, а единствено може да се запишат меѓу „бесмртните“ кога е македонската фудбалска историја во прашање – како прва екипа која не сместила на картата меѓу најдобрите во Европа!

Затоа и вардаровите фудбалери многу добро знаат… Овој пат во Истанбул играат за Вардар, за себе и за своите навивачи…. Не помалку и за Македонија која по настапот на младата репрезентација на ЕП и по одржувањето на УЕФА Суперкупот во Скопје, и натаму може да биде магнет за европските погледи – сега преку црвено-црните бои!

Се вчитува...