„Вардарци“ добро се испотија за да го победат Охрид

Ракометарите на Вардар останаа со максимален ефект и по третото коло во Супер-лигата, триумфирајќи на гостувањето против Охрид со резултат 29-31. Актуелниот шампион добро се испоти за да дојде до цел плен на ова гостување откако охриѓани со мотивирана игра се приближија на еден гол разлика во финишот, но избраниците на Раде Стојановиќ немаа сили за целосен камбек и сензација на овој натпревар.

Мечот беше израмнет до 4-4, кога „вардарци“ влегоа во ритам и со четири гола во низа успеаја резултатски да се одлепат. Супериорен на стартот беше Тимур Дибиров, кој постигна пет гола во првите дванаесет минути од средбата. Добрата одбрана на чело со голманот Томовски му овозможи на Вардар да замине на одмор со удобни плус четири (11-15), но охриѓани во вторите 30 минути јасно покажаа дека немаат намера да капитулираат без борба. Во ритам влезе Милошевиќ со четири гола во рок од десетина минути, профункционира и одбраната, па предноста на шампионот експресно се истопи. Охрид во последните десетина минути во две ситуации дојде до „минус еден“ (24-25 и 25-26), но Анте Гаџа постигна два гола кога беше најзначајно и го запре налетот на домашниот состав. Вардар умешно ја одржа предноста во завршните пет минути, на крајот заслужено славејќи со 29-31.

Дибиров со осум и Талески со пет погодоци беа најефикасни во таборот на Вардар, додека први стрелци во редовите на Охрид на денешниот дуел беа Шилегов со шест и Милошевиќ со пет постигнати гола.

Се вчитува...