Вардарци на нов испит: Со рецептот за Фленсбург нека падне и Порто

Ракометарите на Вардар вечерва (20.45 часот, СЦ „Јане Сандански“) ги очекува нов предизвик во Лигата на шампионите, домашен натпревар против екипата на Порто во рамките од петтото коло во елитното европско натпреварување. „Црвено-црните“ во првите три рунди имаа еден пораз (од Брест Мешков) и две одложени средби (со Елверум и со Пик Сегед), но последниот триумф над Фленсбург значително ја крена самодовербата кај тренерот Алушовски и неговите избраници.

„Убаво е чувството кога ќе се победи ривал како што е Фленсбург, со тоа дефинитивно атмосферата се крена на едно повисоко ниво. Сега сме насочени кон Порто, во изминатите денови добро го анализиравме наредниот противник и веруваме дека со добро издание можеме да стигнеме до позитивен резултат. Една работа е клучна – да најдеме одговор за нивната игра „седум на шест“, која е главно оружје на Португалците. Знаеме дека нема да биде лесно, но ќе дадеме се од себе за да стигнеме до триумф“, изјави Алушовски.

„Црвено-црните“ досега имаат одиграно два натпревари против Порто, првиот со триумф во Скопје од 32-27, пред поразот во Португалија со убедливи 30-22.

Се вчитува...