„Вардарци“ на пат за Португалија: Се обидуваме да не мислиме на проблемите…

Вардар заврши голема работа откако со победата над Мотор си го осигура пласманот во осминафиналето на две кола до крајот пред групната фаза од ЛШ. Сепак, пред „црвено-црните“ сега е нов предизвик, дуел на гостински терен против Порто кој претставува директна битка за петтото место, кое носи и нешто полесен ривал во осминафиналето.

Проблемите со кои се соочуваат „вардарци“ се огромни, но тренерот Алушовски е оптимист дека „црвено-црните“ ќе успеат да се стигнат до позитивен резултат.

„Победата против Мотор во претходното коло ја подигна атмосферата в тимот. Сепак не треба тој резултат да ни дава преголеми оптимистички очекувања. Реално гледаме на ситуацијата. Порто е фаворит сега на дуелот, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме доволно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот”, вели Алушовски.

По заминувањето на Атман и Криштопанс, стручниот штаб на „вардарци“ има лимитирани опции на речиси сите позиции во тимот. Проблемот е уште поголем ако се знае дека во тимот ќе ги нема ниту Дисингер и голманот Кугис.

Натпреварот меѓу Порто и Вардар се игра в сабота со почеток во 16 часот.

Се вчитува...